Деновите во пресрет и во новата година, традиционално се пополнети со неколку спортски настани, како на пример, скијачките скокови (новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во Германија и во Австрија, почна во четвртокот, ќе трае до 6 јануари), јуниорското Светско првенство (СП) во хокеј на мраз (во Шведска, почна на 26 декември, ќе се игра до петок), тенискиот Јунајтед-куп (од вчера до 7 јануари во Австралија) и тур де ски (серија трки во нордиско скијање во Алпите), од денеска до 7 јануари. НХЛ-класикот (хокеарски меч на отворено, во Сиетл) е в понеделник, трки во Светскиот куп во алпско скијање на 6 и на 7 јануари… Во кошарка, мечеви во НБА-лига има буквално секој ден, а Евролигата продолжува со дуели на 2, 3, 4 и на 5 јануари.
Во ракомет, во јануари ќе има континентални првенства во Европа, Африка, Азија и во Јужна Америка, европски првенства (ЕП) во ватерполо (од 4 јануари за мажи и од 5 јануари за жени) и во уметничко лизгање (од 8 јануари), од 5 јануари е релито „Дакар“ во Саудиска Арабија, Австралија опен во тенис е од 14 јануари, од 19 јануари се Младинските зимски олимписки игри во Јужна Кореја… Во фудбалот се активни првенствата во Англија, Италија и во Шпанија (во Германија и во Франција сезоната продолжува на 12 јануари), па, така, во Премиер-лигата на програмата се, меѓу другите, мечевите Фулам – Арсенал (утре), Ливерпул – Њукасл (понеделник)…, во Серија А се и средбите Јувентус – Рома (денеска), Интер – Верона (6 јануари)… во Ла лига играат Гетафе – Рајо Валјекано (вторник), Џирона – Атлетико (среда)… Н.М.
НЕКОИ СПОРТСКИ НАСТАНИ ВО ПРВИТЕ ДЕНОВИ НА 2024 Година