Фото: Архива на „Нова Македонија“

Поаѓајќи од една наша мини-анкета со граѓани од Скопје, во врска со брзите временски промени и како тоа се одразува на секојдневното живеење, добивме речиси идентичен одговор од сите анкетирани, близу педесетина жители на главниот град. Имено, кај нив се појавуваат симптоми и реакции што најчесто се манифестираат при промена на еден или повеќе метеоролошки фактори. Најчесто како влијателен фактор се споменуваат промената на температурата, атмосферскиот притисок, влажноста на воздухот, ветерот, грмотевиците, дождот итн. Луѓето реагираат со различен степен на изразеност на тегобите при неповолните временски промени. Меѓу анкетираните немаше такви што се чувствуваат позитивно на изразено високи или ниски температури. Повеќето луѓе негативно реагираат на истите промени

Брзите промени на времето и температурните осцилации негативно се одразуваат врз човековиот организам

Кон крајот на неделата и почетокот на викендот нѐ очекува ненадејна и брза промена на времето, поради што човековиот организам нема да може брзо да се приспособи на временските промени и на температурните разлики. Лекарите им препорачуваат на хронично болните редовно да ја земаат терапијата и да ги почитуваат упатствата на здравствените власти. Од друга страна, психолозите нѐ советуваат да ги искористиме сончевите денови и да се ослободиме од психичката напнатост

Променливото време што ја зафати Македонија и се карактеризира со студ, сонце, дожд, снегот и магла ќе продолжи и во наредните денови. Нестабилно време и промена на температурите нѐ очекуваат и кон крајот на неделата. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопштуваат дека в четврток максималната температура ќе се искачи до 16 Целзиусови степени, а од среда нѐ очекува нов влажен бран од северозападниот дел на Македонија, поради што максималната температура ќе биде од -1 Целзиусов степен до 4 Целзиусови степени. Променливоста на температурата на воздухот негативно се одразува врз здравјето на граѓаните, а нестабилното време особено негативно влијае на болните лица, но и на здравите, велат лекарите.
Неколку научни истражувања потврдуваат дека променливото времето негативно се одразува врз човековиот организмот во целина. Експертите посочуваат дека кога се менува времето, луѓето се чувствуваат уморни и може да имаат проблеми со спиењето, честопати кога врне може да се соочат со главоболка, а кога дува умерен или силен ветер да се соочат со нервоза.

– Последиците од променливото времето особено ги чувствуваат луѓето што боледуваат од некои хронични заболувања на срцето и протокот на крв, дишните органи, астма, ревматизам и артритис. Симптомите на овие болести брзо се влошуваат поради влијанието на времето, особено на брзи или ненадејни промени, односно на екстремни климатски настани. Покрај кај хроничните пациенти и кај здравите луѓе што се чувствителни на временските промени – метереопатија, можна е појава на метереопатски реакции – велат лекарите.
Истражувањата покажале дека главоболката може да се појави поради брзи или ненадејни промени на температурата, како што нѐ очекува кон крајот на неделата и почетокот на викендот, кога се очекува максималната температура во временски интервал од 24 часа да се намали за околу 10 Целзиусови степени, поради што ќе настане значителна разлика во воздушниот притисок. Лекарите велат дека ненадејната или брза промена на времето кај некои луѓе може да предизвика и раздразливост и промени во нивното расположение, а оваа временска промена може да предизвика и болки во мускулите.
Научните истражувања покажале дека човековиот организам ја чувствува промената на времето уште пред да се случи ненадејната или брзата промена. Лекарите велат дека негативните реакции се јавуваат во период од четири до 48 часа, поради што доаѓа до намалување на човековата енергија и работните способности, но и до сонливост и несоница.
Организмот ја чувствува промената на времето уште пред да се замати или да огрее сонце. Реакциите се јавуваат од четири до 48 часа и може значително да влијаат на расположението, намалувањето на енергијата и работните способности, сонливост, несоница и друго. Лекарите потврдуваат дека брзите или ненадејни временски промени негативно се одразуваат врз хроничните пациенти.
Д-р Зорица В. Драгаш, специјалистка во српскиот центарот за унапредување на здравјето, вели дека овие временски услови се опасни за срцевите пациенти и лицата со променлив крвен притисок, цереброваскуларните пациенти, кои се чувствителни на наглото преминување од топло во студено време.

Кон крајот на неделата и почетокот на викендот нѐ очекува ненадејна и брза промена на времето, поради што човековиот организам нема да може брзо да се приспособи на временските промени и на температурните разлики. Лекарите им препорачуваат на хронично болните редовно да ја земаат терапијата и да ги почитуваат упатствата на здравствените власти. Од друга страна, психолозите нѐ советуваат да ги искористиме сончевите денови и да се ослободиме од психичката напнатост

– Лицата што имаат чувствителен нервен систем чувствуваат влошување на нивното здравје поради честото минување на атмосферските фронтови и засилен јужен и југоисточен ветер, астматичарите чувствуваат непријатност поради зголемена влажност во воздухот – појава на магла, врнежи – нагласува д-р Зорица В. Драгаш.
Ненадејното или брзо променливо време предизвикува последици по здравјето на граѓаните, но нема место за паника, нагласуваат здравствените власти. Поради брзите температурни временски промени, на организмот му треба време да се приспособи. Лекарите препорачуваат граѓаните да не се плашат и да мируваат, за да може организмот да се приспособи на променливото време, хроничните болни да ја земаат редовната терапија и да се слушаат упатствата на здравствените лица.
Брзото променливо време негативно се одразува врз човековиот организам, но психолозите велат дека сончевото време може позитивно да влијае. Сончевото време, кое ќе биде карактеристично за четврток, луѓето треба да го искористат и да излезат од своите домови, а доколку имаат можност да посетат и некоја природна или планинска убавина. Прошетката не само што ќе им овозможи да заштедат електрична енергија туку ќе им овозможи да бидат со блиските личности, да се опуштат и да се ослободат од психичката напнатост од секојдневните проблеми. Д.Ст.


Метереопатија, што е тоа?

Според спец. д-р Игор Николов – физијатар, метереопатијата можеме да ја дефинираме како група од симптоми и реакции, кои најчесто се манифестираат при промена на еден или повеќе метеоролошки фактори.
За метереопат може да се смета оној човек кај кој ќе се појават здравствени тегоби или ќе се влоши состојбата на веќе постојните хронични болести. Статистички гледано најчесто страдаат жени во средна возраст, постарите лица и хроничните болни. Тегобите може да се јават неколку дена пред појавата на временските непогоди, да траат за време на појавата или ден-два по јавувањето на истите тие. Обично траат неколку дена.
Може да се манифестираат како апатија, несоница, главоболки, вртоглавици, мачнини, несвестици, ревматски болки, болки во мускулите и во пределот на стари повреди, ишијалгија, отрпнување во екстремитетите, намалена чувствителност на екстремитетите, намален слух, вид, забрзана работа на срцето, варирање на крвниот притисок. Во ризична група спаѓаат старите лица, пушачите, луѓето со преживеан мозочен удар или срцев удар, астматичарите, итн… Главни виновници се хипоталамусот и хипофизата, кои се мозочни жлезди што лачат одредени хормони.
Опаѓањето на температурата на воздухот води до зголемено лачење на астн (аденокортикотропниот хормон – хормон на стресот) од предниот резен на хипофизата, при што, кај метереопатите се зголемува чувството на раздразливост и напнатост. Исто така, се намалува нивото на ендорфин во крвта, кој е природно средство против болки во организмот. Истовремено прагот на болка се намалува, а чувствителноста на мускулите, коските, зглобовите и нервите се зголемува, што кај луѓето се манифестира со главоболки, болки во мускулите и зглобовите, итн. Исто така доаѓа до намалување на имунитетот кај човекот, поради што е повеќе подложен на настинки.
Ревматските тегоби се објаснуваат преку законите на физиката. При пад на атмосферскиот притисок, течноста и гасовите во синовијалниот простор се шират и ги растегнуваат околузглобните мембрани, при што се зголемува притисокот на ткивото што е воспалено или повредено, што резултира со зголемување на болката.
На ист принцип се јавуваат и главоболките и болките при воспаление на синусите. При студено време, крвните садови се стегаат за да го спречат оддавањето топлина.
Последица на ова е зголемен отпор на кардиоваскуларниот систем (квс), срцето дополнително се оптоварува, се покачува крвниот притисок, со што се зголемува ризикот од мозочни удари и инфаркти – срцеви удари. А кај топлото време крвните садови се шират и доаѓа до пад на крвниот притисок, губење на течности преку потењето, што води до дехидратација. Намалениот проток на крв во организмот води до вртоглавици и несвестици, крвта се згуснува, а со тоа и ризикот од мозочни и срцеви удари се зголемува.
Треба да ја следиме временската прогноза за навреме да се подготвиме за промените што доаѓаат, исхраната да биде богата со витамини и минерали внесени од овошјето и зеленчукот, да се внесуваат течности во доволно количество (до два литри на ден), а спиењето да биде доволно, бидејќи помага да се регенерира организмот.
Препорачливо е најмалку 30 минути да се поминува на свеж воздух секој ден, далеку од градската врева и метеж, да се пешачи до 30 минути, наизменично туширање со топла и млака вода, со што би се подобрила циркулацијата и би се спречило влошувањето на тековните состојби.

Д-р Игор Николов – физијатар, Алодокторе.мк