Во однос на минатата сезона, девет тима и сега се меѓу 16-те најдобри во ЛШ

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Актуелниот европски првак Манчестер сити и Арсенал од Англија, Атлетико Мадрид, Барселона, Реал Мадрид и Сосиедад од Шпанија, како и Баерн и Борусија Дортмунд од Германија се носители пред ждрепката в понеделник за осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако ги освоија првите места во своите групи во групната фаза.
Нивни потенцијални противници се неносителите, Наполи, Интер, Лацио (Италија), Копенхаген (Данска), Лајпциг (Германија), Пари сен Жермен (Франција), Порто (Португалија) и ПСВ Ајндховен (Холандија), кои беа второпласирани во своите групи.
Ждрепката за осминафиналето ќе биде полудиригирана, откако носителите ќе играат со некој од второпласираните, но не со тим од иста земја и не со екипа со која веќе сезонава играле меѓу себе во групната фаза.
Според составот на барабаните, шест од носителите имаат по седум потенцијални ривали во осминафиналето, а Баерн и Борусија Дортмунд имаат по шест, оти во вториот барабан има една екипа од Германија, Лајпциг. Првите натпревари од осминафиналето се предвидени за во февруари 2024 година на терените на неносителите, а реваншите се во март.
Во осминафиналето се застапени екипи од осум земји, колку што имаше и во сезоната 2021/2022 (лани играа од седум, најмалку имаше во сезоната 2019/2020 од пет, а рекордна е сезоната 2015/2016 со 10). Во однос на минатата сезона, девет тима и сега се осминафиналисти, и тоа Манчестер сити, Реал Мадрид, Баерн, Борусија Дортмунд, Наполи, Интер, Лајпциг, ПСЖ и Порто, а трета година по ред меѓу 16-те најдобри се пет екипи, Манчестер сити, Реал Мадрид, Баерн, Интер и ПСЖ. Н.М.


Сосиедад од четвртиот во првиот барабан

Во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите сезонава се пласираа тимови од секој од четирите барабани формирани пред ждрепката за групната фаза. Така, меѓу 16-те најдобри сезонава се пет тима што беа во првиот барабан, седум од вториот, три од третиот и еден од четвртиот барабан, шпанскиот Сосиедад, кој сега е во првиот барабан за ждрепката за осминафиналето, откако го освои првото место во својата група. Во минатата сезона, осминафиналист од четвртиот барабан беше белгискиот Клуб Бриж, во сезоната 2020/2021 тоа беше Борусија Менхенгладбах, една сезона пред тоа во осминафиналето имаше два тима, Лајпциг и Аталанта.


ОСМИНАФИНАЛИСТИ

Носители
Манчестер сити Англија
Арсенал Англија
Баерн Германија
Борусија Дортмунд Германија
Атлетико Мадрид Шпанија
Барселона Шпанија
Реал Мадрид Шпанија
Сосиедад Шпанија

Неносители
Интер Италија
Лацио Италија
Наполи Италија
Копенхаген Данска
Лајпциг Германија
Пари сен Жермен Франција
Порто Португалија
ПСВ Ајндховен Холандија