Фото: ЕПА

Али Ахмети двапати има давано изјава како сведок пред Специјалниот суд. Во периодот за кој се судат обвинетите поранешни лидери на косовската ОВК, Ахмети исто така бил член на штабот на ОВК на Косово. Според правните експерти, доколку Специјалниот суд на Косово најде докази дека и Ахмети имал некакво учество во предметите за кои се суди косовската група, може да биде обвинет и суден на Косово, т.е. во Хаг. За активирање на хашките случаи во Македонија, сепак, надлежност има македонското правосудство. Но таков евентуален развој на судењето во Косово, очекувано би имал влијание на некаква „мала врата“ за активирање на хашките случаи и во Македонија

Специјалниот суд на Косово е правна институција создадена по иницијатива на западните земји, но треба да се нагласи дека не е продолжение на Хашкиот трибунал за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија. Хашкиот трибунал, кој веќе формално е згаснат, имаше надлежност и за правно процесирање на злосторствата што се случија за време на конфликтот во Македонија во 2001 година. Два случаја од тој конфликт во 2001 година во Македонија имаа правно-казнена завршница во Хаг, односно Јохан Тарчуловски беше осуден и ја издржа казната за настаните во скопското село Љуботен, додека Љубе Бошковски беше ослободен од вина. Сепак, особено контроверзно во „затвореното досие“ на Хашкиот трибунал остана враќањето на четирите предмети за злосторствата на ОНА да бидат процесирани во македонското правосудство. Хашкиот трибунал си ги „испра рацете“, фрлајќи го „усвитениот камен“ во конфузниот политичкоправен амбиент на Македонија, по потпишувањето на рамковниот договор, кога токму ОНА се трансформира во политички субјект, кој требаше да се интегрира во државниот систем. Лидерите на ОНА беа во политички залет кога Трибуналот му ги врати предметите за нивните злосторства од 2001 година на македонското правосудство. Сѐ уште е правно контроверзно зошто и како овие случаи со „автентично толкување“ беа подведени во Законот за амнестија од 2002 година. Според усвоеното толкување, членот 1 од Законот за амнестија требаше да се толкува така што амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата што извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка. Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.
И покрај оставената опција дека „воените злосторства против човештвото“ не застаруваат, македонското правосудство и политичките фактори се однесуваат како да сакаат да се заборават овие случаи.
Според универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев, иако е правно контроверзно, во Македонија прашањата за четирите хашки случаи за злосторствата од 2001 година се сметаат за затворени. Се толкува дека Законот за амнестија ги опфаќа и ги „покрива“ и обвинувањата за тие случаи што беа вратени од Трибуналот во Хаг за да бидат процесирани во домашното судство. Калајџиев потсетува дека кога беше донесен Законот за амнестија, а подоцна и неговото „автентично толкување“ токму за овие случаи, Хелсиншкиот комитет реагираше во насока дека тоа не е никаква правна основа за да бидат ставени ад акта дела што не застаруваат. Под политички притисок за таквиот став, тогашниот претседател на Хелсиншкиот комитет дури и поднесе оставка. Оттогаш нема некои нови конкретни иницијативи за правно активирање на овие случаи од 2001 година. Професорот Калајџиев смета дека, теоретски, предметите може да ги отвори државниот обвинител ако утврди дека овие случаи не потпаѓаат под Законот за амнестија, но не верува дека во скоро време албанските политички партии, особено ДУИ, ќе дозволат да биде избран обвинител со такво гледање на предметите.
Судењето на лидерите на ОВК на Косово отвора една „мала врата“ за активирање на правдата за хашките случаи и во Македонија. Актуелниот лидер на партијата ДУИ (практично политички трансформираната ОНА), Али Ахмети, беше повикан како сведок од Специјалниот суд во Косово токму за обвиненијата врз инкриминираната „четворка“ на поранешни косовски лидери. Познавачите на состојбите и случувањата во Косово, во периодот за кој се судат косовските лидери, наведуваат дека денешниот лидер на ДУИ, Али Ахмети, во тоа време бил близок соработник на Хашим Тачи, кој ривалството и со другите албански политички опции често го решавал со насилство. Судиите со меѓународно искуство велат дека од сведочење пред Специјалниот суд, кој формално е дел од судскиот систем на Косово, но практично работи во Хаг, многу лесно може некои докази од сведок да го направат обвинет. Али Ахмети двапати има давано изјава како сведок пред Специјалниот суд. Во периодот за кој се судат обвинетите поранешни лидери на косовската ОВК, Ахмети исто така бил член на штабот на ОВК на Косово. Според правните експерти, доколку Специјалниот суд на Косово најде докази дека и Ахмети имал некакво учество во предметите за кои се суди косовската група, може да биде обвинет и суден на Косово, т.е. во Хаг. За активирање на хашките случаи во Македонија, сепак, надлежност има македонското правосудство, Но таков евентуален развој на судењето во Косово, очекувано, би имал влијание на некаква „мала врата“ за активирање на хашките случаи и во Македонија. Ј.П.