Белгискиот премиер Александар де Кро во петокот во Брисел ги претстави главните приоритети на претстојното белгиско претседавање со Советот на ЕУ. Како што истакна Де Кро, тоа ќе бидат заштитата на граѓаните, зајакнувањето на економијата и подготовката за заедничка иднина.
Белгија, една од шесте земји основачи на ЕУ, која од 1 јануари по 13-ти пат ќе го преземе ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, ќе претседава под слоганот „Да се заштити, да се зајакне, да се подготви“.
– Првиот елемент е да ги заштитиме нашите граѓани, што значи обезбедување безбедност и обезбедување благосостојба, заштита на нашите граници, зајакнување на социјалните и здравствените програми, зачувување на единството и поддршка на Украина – рече Де Кро, кој заедно со министерот за надворешни работи Хаџа Лахбиб ја презентираше програмата на белгиското претседателство.
Втор приоритет се зајакнување на економијата, конкурентноста на европската економија на глобално ниво и истовремено спроведување зелена, дигитална и фер транзиција за сите, а трет е да се подготви ЕУ да може ефективно да одговори на предизвиците на иднината.
Де Кро, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не е точно дека слабее поддршката за Украина, која сè уште останува неспорна, во воена, финансиска и во смисла на проширување. На прашањето да ги коментира најавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека ќе ги блокира клучните одлуки за Украина на претстојниот самит, Де Кро рече дека за тоа треба да разговара со него.
– Кога имаме различни мислења, за тоа треба да зборуваме лице в лице, а не преку писма или преку медиумите – рече Де Кро.
Белгија во ротирачкото претседателство ќе ја замени Унгарија на 1 јули. Де Кро вели дека соработката со Будимпешта во подготовката на програмата за претседателската тројка, која се состои од три последователни претседателства, шпанско, белгиско и унгарско, била многу добра. Орбан неодамна испрати две писма до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и за медиумите изјави дека не е зрело време да се отворат преговорите со Украина.
Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток, белгискиот премиер рече дека Израел има право на самоодбрана, но и дека „се надева дека никој не се лути кога вели дека треба да се престане со убивање цивили“.
Министерката за надворешни и европски прашања Хаџа Лахбиб најави дека напролет белгиското претседателство ќе ја одбележи 20-годишнината од големото проширување на ЕУ, кога во Унијата се приклучија 10 нови членки, и по тој повод ќе организира неформален министерски состанок на кој ќе бидат поканети министрите на сите земји аспиранти за членство.
Програмата на белгиското претседателство е поделена на шест тематски целини. Првата е одбрана на владеењето на правото, демократијата и единството, втората е зајакнувањето на конкурентноста на економијата, потоа продолжувањето на зелената и дигиталната транзиција, зајакнувањето на здравствената и социјалната заштита, заштитата на граѓаните и граници и промоција на глобална Европа.
Пред ротирачкото претседателство има уште 150 предлози за законодавни акти, а во преговорите со Европскиот парламент Белгија ќе се обиде да заврши и овозможи усвојување на што поголем број од овие закони. Но, тој нема да има на располагање цели шест месеци, со оглед на тоа што последната пленарна седница на ова свикување на Европскиот парламент се одржува во април. Белгиското претседателство потоа ќе ги пренасочи своите активности кон подготовка на новата стратегиска програма на ЕУ за периодот од 2029 година и кон подготовка за следниот институционален циклус.
Наредната година Унијата ја очекуваат изборите за Европскиот парламент, а потоа изборот на нова Европска комисија и нов претседател на Европскиот совет.
Министерот Лахбиб тврди дека Европската Унија треба да се подготви за иднината преку реформи и со зајакнување на своите темели.
– Тоа се постигнува преку подобро финансирање на нашата Унија и поефикасно одлучување. Истовремено, земјите кандидати за членство ќе треба да спроведат реформи за евентуална идна интеграција – рече Лахбиб.
Премиерот Де Кро рече дека секогаш кога се зборува за ефективноста на одлучувањето во ЕУ се поставува прашањето за укинување на едногласноста. Тој нагласи дека не станува збор за бинарен избор меѓу едногласност и квалификувано мнозинство, туку дека е можно да се подобри и забрза одлучувањето и во исто време да се зачува единството на ЕУ.
Лорета Трајкоска, Специјално за „Нова Македонија“ од Брисел