Благоја Гешоски

ЏУДО-ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Нов генерален секретар на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) е д-р Благоја Гешоски, а нов спортски директор е м-р Дејан Мицкоски, по распишаниот конкурс од ЏФМ, при што Извршниот одбор на ЏФМ донесе едногласна одлука. Мандатот им трае четири години, колку што е на сите тела, органи и раководството на Федерацијата.
Гешоски е долгогодишен џудист и спортски работник, кој досега ја извршуваше функцијата потпретседател на ЏФМ. Во согласност со статутот, со новата функција ќе биде одговорен да ја организира целокупната работа во Федерацијата и ќе раководи со комисиите.

Мицкоски е долгогодишен џудист и спортски работник, лиценциран џудо-тренер и носител на црн појас, четврти дан. Во изминатиот период има извршувано повеќе функции, меѓу кои селектор на кадетската репрезентација, член на дан-комисијата и член на Стручниот совет при Џудо-федерацијата на Македонија. Тој има дадено голем придонес и во организациите на домашните државни првенства, меѓународни турнири, балкански првенства и европски купови. Во согласност со новата функција, ќе треба да го предложи составот на селекторите и Стручниот совет при ЏФМ, со чија работа и ќе раководи. Спортскиот дел и, секако, постигнувањето повисоки резултати и издигнување на ЏФМ на едно повисоко ниво ќе бидат главната цел во неговото дејствување, информираат од ЏФМ.

– Моите заложби како спортски директор ќе бидат следни: кревање на нивото на професионален ангажман на стручните лица, но и репрезентативците во координација со Извршниот одбор како раководно тело и во согласност со условите во Федерацијата, овозможување подобри услови и опрема за тренинг, подготовки и за учество на повеќе меѓународни турнири и џудо-кампови за квалитетна подготовка, акумулирање поголемо искуство, а со тоа и поголеми спортски резултати на меѓународен план. Досегашното мое акумулирано искуство како тренер, селектор, член на стручните тела и комисии, како и воспоставената соработка со колеги и стручни лица од странство, максимално ќе вложам напори да ги адаптирам и да воведам едни нови стандарди и принципи на дејствување во рамките на Федерацијата. Понатаму, ќе се залагам сите чинители, на чело со мене, кои доаѓаат од своите клубови, своите клупски интереси да ги остават и да не ги поистоветуваат со приоритетите на ЏФМ и со една професионална, посветена и непристрасна работа да придонесеме за издигнување на македонското џудо на едно повисоко меѓународно ниво како олимписки спорт – ни изјави Мицкоски. Г.И.

Дејан Мицкоски