Туризмот игра важна улога во економиите на земјите како Египет, Јордан и Либан. Но резервациите за посетители се намалуваат поради стравувањата околу блискиот конфликт во Појасот Газа
Последици за поширокиот регион од конфликтот во Газа
Шарм ел Шеик е безбеден, тој е град на мирот, инсистираше Египќанецот Мустафа Хасан, кој работи како менаџер за храна и пијалаци во хотел во популарниот туристички град. Но се чини дека потенцијалните посетители двапати размислуваат дали да дојдат, изјави за ДВ 50-годишниот татко на четири деца.
– Бројот на туристи во Египет е намален поради војната во Газа – истакна Хасан. Шарм ел Шеик е на околу три часа возење од израелската граница и, од сите традиционални туристички места во Египет, најблиску до границата на Израел со Египет.
На почетокот на октомври милитантната исламистичка група Хамас, класифицирана како терористичка организација од САД, ЕУ, Германија и други, започна напади врз Израел, што резултираше со смрт на околу 1.200 Израелци и странци. Оттогаш Израел го бомбардира Појасот Газа, каде што се наоѓа Хамас, а според најновите податоци, околу 14.000 Палестинци се убиени како резултат на тоа, според Министерството за здравство на Хамас. Привременото примирје што требаше да истече во четвртокот беше продолжено за еден ден, но се очекува конфликтот да продолжи.
– Некои одморалишта во Шарм ел Шеик зависат од посетителите од Израел, а тие гости не доаѓаат поради она што се случува дома – продолжи Хасан.
Другите хотели, кои претежно угостуваат европски туристи, страдаат затоа што тие туристи се загрижени за својата безбедност на Блискиот Исток.
Но, додека Египет дополнително се лизга во економска криза и египетската фунта продолжува да девалвира, падот во секторот е последното нешто што му треба на локалното население. Туризмот секоја година сочинува меѓу 10 и 15 отсто од бруто-домашниот производ на Египет.
Влијанието само што почна да се чувствува
– Туризмот е извор на приход за работниците во туристичкиот сектор, но и за оние што се поврзани со него, како што се такси-служби, супермаркети, центри за нуркање и забавни паркови – објасни Хасан.
Во моментов се чини дека намалувањето на бројот на туристи само што започнува, можеби затоа што оние патници што не можеа да добијат рефундирање сепак продолжија како што беше планирано. Туристичките агенти и туроператорите велат дека проблемот ќе стане поочигледен како што ќе доаѓаат на ред идните резервации, и додаваат дека тие веќе паднале во текот на изминатите два месеца.
– Сè уште е рано да се каже какво ќе биде влијанието – потврди финансискиот консултант „Насер Саиди“, со седиште во Дубаи и Бејрут, на брифингот на пазарот на крајот на октомври.
На брифингот додадоа и дека раните знаци се загрижувачки и истакнаа дека од почетокот на октомври набавките на билети за Египет паднале за 26 отсто, за Јордан за 49 отсто и за Либан за 74 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Ова се случува и покрај фактот што има неколку официјални предупредувања за патување издадени од владите за каде било надвор од главните места на конфликтот – односно Израел, Газа и окупираниот Западен Брег. Владата на САД исто така ги советуваше своите граѓани да не одат во Либан поради присуството на групата Хезболах таму; пред сегашниот прекин на огнот, вооруженото крило на Хезболах и израелската армија разменуваа оган над јужната либанска граница. Како резултат на тоа, дури и по особено успешното лето, бројот на либански посетители опадна. Локалните медиуми известуваат дека стапките на зафатеност на хотелите се меѓу нула и 7 отсто, во споредба со хотелите што обично се полни најмалку една четвртина.
Хезболах е шиитска политичка партија и милитантна група во Либан поддржана од Иран. Хезболах се смета за терористичка организација од страна на САД, Германија и неколку сунитски арапски земји, додека ЕУ го наведува неговото вооружено крило како терористичка група.
Економијата на Либан, опфатена со криза, останува силно зависна од туризмот, бидејќи секторот обезбедува дури 40 отсто од нејзиниот национален приход, кој се намали за време на тековната финансиска криза.
На патниците им се советува и да избегнуваат да одат до сите области на Египет или Јордан што директно граничат со Израел. Но, повеќето популарни туристички дестинации имаат тенденција да бидат на добро растојание од тие локации.
Туризмот во Јордан е „забавен“
Веднаш до Израел, Јордан исто така забележа дека се откажани околу половина од хотелските резервации во октомври, како што изјави Хусеин Хелалат, портпарол на Здружението на хотели во Јордан, за локалните медиуми претходно месецов.
– Откако конечно закрепнаа од последиците од пандемијата на ковид-19, хотелиерите во Јордан очекуваа стапка на искористеност од речиси 95 отсто во последниот квартал од годинава. Сега, тие можеби ќе достигнат 80 отсто – рече Хелалат.
Локалитетите како Петра, со нејзината светски позната археологија, беа особено погодени бидејќи главно Американци и Европејци одеа да ги видат.
Во Јордан туризмот редовно носи помеѓу 11 и 15 отсто од националниот приход на земјата.
Јорданскиот туристички претприемач и маркетинг-консултант Наџван ал Масри исто така внимателно ги набљудува бројките.
– Бројките за ноември, како што ги составува локалниот одбор за туризам, сè уште не се објавени, но има благ пад, од септември до октомври. Од 760.000 посетители во септември помина на 730.000 во октомври – истакна Ал Масри за ДВ.
Ал Масри додаде дека како чинител во туристичката индустрија, забележала значителен пад на активноста од почетокот на овој месец, вклучувајќи и бавно движење од меѓународните посетители, а исто така и на локалниот пазар.
Други дестинации исто така беа тешко погодени како Израел, од очигледни причини. Витлеем, за кој христијаните веруваат дека е родното место на Исус Христос, обично доживува најголема посетеност за време на Божиќ. Сепак, во средината на ноември, палестинските христијани во градот одлучија дека не треба да има јавни прослави додека трае конфликтот во Газа.