Трет ден трае потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која исчезна на пат кон училиште во скопската населба Дебар Маало.
Од Министерството за внатрешни работи денеска информираа дека потрагата деноноќно трае и дека се истражуваат сите можни мотиви и причини.
Вчера полицијата објави нејзина фотографија со опис во билтенот за исчезнати, а нејзината фотографија се споделува и на социјалните мрежи.
Вања исчезна во завчера околу 7:20 часот на пат кон училиште. Последниот сигнал од нејзиниот телефон е лоциран на булеварот „Партизански одреди“ спроти Универзална сала.
Министерството за внатрешни работи (МВР) со фотографија и опис ја објави Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на Македонија.
– Ѓорчевска Вања, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ „Песталоци“ во општина Центар Скопје – се вели во соопштението на МВР.
Во прилог е даден и опис на девојчето.
– Висина 175 сантиметри, тежина 58 килограми, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „ајфон“ – стои во описот.