Џејдон Санчо и Рис Нелсон, двајцата 18-годишници, добија шанса и блеснаа за новите клубови, Борусија Д., односно Хофенхајм. Во странските клубови има уште неколкумина млади англиски фудбалери, потенцијални ѕвезди
Младиот англиски фудбалски интернационалец, Џејдон Санчо (18) есенва блеска во дресот на германскиот бундеслигаш Борусија Дортмунд. Неговиот сонародник, Рис Нелсон, исто така 18-годишник, доби можност да заигра во Хофенхајм, каде што е на едногодишен заем од Арсенал, по потпишувањето на повеќегодишниот договор. Двајцата веќе постигнаа 11 гола во сите натпреварувања, Санчо пет гола и осум асистенции, Нелсон шест гола на седум натпревари сезонава.
Санчо минатиот месец дебитира и во дресот на Англија, на мечот против Хрватска во Риека (0-0) и стана првиот репрезентативец на таа земја роден во 21 век. Она што е интригантно за англиските медиуми во врска со Санчо и со Нелсон, покрај неоспорниот фудбалски талент, е што е тоа што ги привлече во Германија.
Санчо, чии родители по потекло се од Тринидад, беше дел од селекцијата на Англија (до 17 години), која е европски и светски првак и беше дел од Манчестер сити, но откако не доби шанса да заигра за првиот тим реши да замине во Дортмунд. Тој е роден во едно лондонско предградие, а првите фудбалски чекори ги направил во академијата на Вотфорд, на осумгодишна возраст. На 14 години го забележуваат скаутите на Сити по што се преселил во тој клуб.
Слична е биографијата и на Нелсон, кој бил дел од ист тим со Санчо, до 11 години, што триумфирал на Младинските игри на јужен Лондон во 2011-та. Тие се добри пријатели, секојдневно комуницираат меѓу себе и, како што велат, тоа многу им помага „без поголеми проблеми да се приспособат на новите клубови и на новото опкружување“.
– Ако англиските клубови не ви даваат шанса, тогаш играњето во странство секогаш е опција. Тие се поотворени и ако ги забележат вашите квалитети и доколку сте доволно добри, тогаш ќе ви дадат шанса. Такво е барем моето искуство. Не велам дека англиските клубови не веруваат во нашите способности, но мислам дека клубовите на Бундес-лигата на тоа гледаат поинаку. Сакав нов предизвик, чувствував дека сум подготвен за следниот чекор и мислам дека Борусија е вистинскиот клуб за мене, за нов чекор во кариерата – вели Санчо, кој замина во Борусија во август 2017 година за 10 милиони евра откако одби да потпише нов договор со Сити.
Нелсон, кој ја доби наградата за најдобар млад играч во Бундес-лигата за октомври, постигна пет гола на шест првенствени натпревари за Хофенхајм, првиот на дебито, по само 14 минути игра. Пред него само уште еден странски фудбалер-тинејџер постигнал повеќе голови во една сезона (во 2016/2017) во Бундес-лигата, Осман Дембеле, исто така играч на Борусија, сега во Барселона.
– Санчо го почна трендот младите играчи од Англија да заминуваат во странство. Некои од нив ми се јавуваат и ме прашуваат каков е животот во Германија, како е во Бундес-лигата. Јас им одговарам: „Одлично е, тие веруваат во нас, младите играчи, тоа е најбитната работа“. Можеби не е добро за Англија кога младите играчи заминуваат, но на лично ниво, мислам дека е одлично за нас да добиеме шанса да играме стандардно – вели Нелсон.
Во странските клубови има уште неколкумина млади англиски фудбалери, потенцијални ѕвезди. Крилниот напаѓач, Кинан Бенетс (19), поранешен фудбалер на Тотенхем, роден во Лондон, по мајка е Германец и по татко Нигериец. Бенетс, кого го споредуваат со Герет Бејл, во јуни годинава потпиша четиригодишен договор со Борусија Менхенгладбах. Тој може да избира за која земја ќе настапува (кога и ако добие покана) – за Англија, Германија или за Нигерија.
Во Германија се уште неколку англиски играчи, Мандела Огбо (Борусија М.), Чима Окороџи (Фрајбург), настапуваат уште Дензил Боаду (Борусија Д.), Дени Колинџ (Штутгарт) и други. По стапките на погоренаброените за малку не тргна уште еден екстра талентиран млад играч (го бараше Борусија М.), Рајан Брустер (18), најефикасниот на СП до 17 години, кој во јуни потпиша петгодишен договор со Ливерпул.
Џонатан Панзо (18), одбранбениот играч на Монако, беше дел од академијата на Челси и член на селекцијата на Англија (до 17 години) што стана светски првак. Тој летово се пресели во Монако, кој го избра поради јазикот што добро го говори (францускиот), поради потеклото на неговите родители, кои се од Брегот на Слоновата Коска. Нони Мадуеке (16) моментно во ПСВ Ајндховен, е најмладиот на листата, кој одби да потпише професионален договор со Тотенхем (го бараше и Манчестер јунајтед), каде што настапуваше за селекцијата до 18 години.
Панзо и Мадуеке велат дека се решиле на вакви чекори по наговор од родителите, кои процениле дека во новите клубови тие ќе добијат шанса да играат редовно и да се развиваат, нешто што сметале дека е тешко остварливо во Англија.
Младите малку добиваат шанса во Премиер-лигата
Британските новинари се прашуваат дали по стапките на Џејдон Санчо и на Рис Нелсон ќе тргнат и други млади фудбалери во потрага по поголема минутажа, и посочуваат некои бројки. Фудбалери на возраст до и под 21 година, сезонава на сите натпревари во Премиер-лигата одиграле само 5,3 отсто од минутите. Тоа е помалку отколку во француската, германската, италијанската и во шпанската лига, покажуваат истражувањата на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС).
Според едно друго истражување, лани во Премиер-лигата 69,2 отсто од фудбалерите биле странци, за разлика од Бундес-лигата каде што над половината биле домашни играчи. Во просек, само 29,8 отсто од англиските фудбалери на сите возрасти сезонава биле стартери во своите тимови. Оваа бројка се намали на 21,2 отсто на последните првенствени натпревари на тимовите од т.н. „најдобра шесторка“ – Манчестер сити, Ливерпул, Челси, Тотенхем, Арсенал и Манчестер јунајтед.