Со информациите дека „тесла роудстер 2020“ ќе има неверојатно забрзување од 0 до 100 километри на час за 1,9 секунда, тајванската фирма „Ксинг мобилити“, која е стационирана во Силиконската долина, најави нешто уште поспектакуларно. Од „Ксинг“ се надеваат дека ќе произведат автомобил што ќе биде постартен од фамозната „тесла“, а со тоа ќе се бори да биде прв конкурент на компанијата на Елон Маск. Ова возило не изгледа на типичните електрични суперавтомобили и личи на спој од рели-автомобил и седан. „Ксинг мобилити“ објави детали дека нивниот електричен суперавтомобил наводно ќе произведува околу 1.341 коњска сила и ќе забрзува од 0 до 100 километри на час за само 1,8 секунда. Прототипот на моделот наречен „мис Р“, поради својот специфичен изглед, веќе се тестира во најразлични услови и на различни подлоги.
Прототипот од овој автомобил исто така ќе се појави и на повеќе најразлични автомобилски саеми, каде што се очекува тајванската фирма да ја покаже и батеријата што го придвижува возилото. Според нив, батеријата се карактеризира со систем од 4.116 ќелии и 98 модули. Според најавите, ова би била една од најмоќните батерии на пазарот, а доказ за тоа е суперавтомобилот што ќе го погонува. Во јавноста сè уште не се познати целосните детали за тоа како конкретно ќе изгледа овој автомобил, но постои прототип возило, а тоа изгледа навистина необично. Дополнително, тајванската компанија најави и уште еден модел, наречен „мистер Т.“, но работата на него би започнала кога во продажба би излегол моделот „мис Р.“. Претходно, компаниите што произведуваат електрични возила честопати најавуваа и понудија вакви спектакуларни прототипи што развиваат неверојатни брзини.
Хрватски „Римац“ го создаде моделот „Ц_ДВА“ со 1.914 коњски сили и го надмина теслиниот „роудстер“ со забрзување од 0 до 100 километри за час за само 1,85 секунда, а компанијата „Аспарк“ го понуди својот „аул“, концепт автомобил што ја минуваше границата од 0 до 100 километри на час за само 1,92 секунда. Како и да е, ниту „Ц_ДВА“ ниту „аспарк аул“ не беа толку амбициозни да ветат забрзување од 0 до 100 километри на час за само 1,8 секунда. Останува да се види дали тајванската компанија ќе може да го спроведе она што го вети и времето ќе покаже дали ќе успеат во своите намери да го произведат она што го најавуваат.