фото Зоран Антоски

На Државното првенство во шах за слепи и слабовидни лица, во екипна конкуренција, што во изминатите два дена се одржа во Кичево, екипата на Скопје го освои првото место откако во финалето со 4-0 ја совлада екипата од Тетово.

Третото место го освои домаќинот на првенството екипата на Кичево. Инаку екипите беа составени од по четири члена, од кои тројца мажи и една жена.

-Во организација на Националниот сојуз за слепи и слабовидни лица на Република Македонија, викендов во Кичево се одржа Државното првенство во шах, во екипна конкуренција за слепи и слабовидни лица. Првото место наполно заслужено го освои екипата на Скопје, второто место и припадна на екипата на Тетово, додека третото место за домаќинот на првенството екипата на Кичево. Во финалниот натпревар екипата на Скопје со убедливи 4-0 ја совлада екипата на Тетово, додека домаќинот Кичево во борба за третото место ја совлада екипата на Охрид. Инаку екипите беа поделени во две групи и првите две првопласирани од секоја група се најдоа во завршницата и во разврската за првите места на шампионатот – рече Гоце Матески, член на екипата на Кичево.

На првенството беше присутен и Претседателот на спортската федерација на слепи и слабовидни лица Коце Димов. На првенството настапија девет здруженија од исто толку градови во земјава.

Успешен организатор на првенството беше Здружението на слепи и слабовидни лица од Кичево. Поради добрата организација, на кичевското здружение му е дадена можност да биде домаќин и на Шамионатот во Голбал.