Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пренесе порака дека Македонија е ценет сојузник на НАТО и оти Алијансата и Македонија можат да се потпрат меѓусебно, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски што се одржа попладнево во Владата.
– Вие придонесувате кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР на Косово, Решени сте да дојдете до два проценти од БДП потрошени на одбраната до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди и руската агресија против Украина. Се приклучивте на ЕУ во наметнувањето санкции кон Москва и нудите воена и финансиска поддршка на Украина. Алијансата ви гарантира безбедност. Покриени сте од авионите на НАТО, и ова е всушност солидарноста на НАТО на дело – нагласи Столтенберг.
Тој посочи дека безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење за НАТО и, како што рече, тука има причини за загриженост.
-Во Бих се појавија тензии и тука ги охрабрувам политичките лидери да се воздржат од поделбени и сецесионистички реторики, и наместо тоа да ги концентрираат своите напори на помирување и на мирна иднина. Во Косово неодамна видовме инциденти со сериозно насилство. Белград и Прштина мора да се впуштат во дијалогот којшто е олеснет од ЕУ затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до решението ќе ги почитува правата на сите заедници, порача Столтенберг на прес-конференција во Владата.
Премиерот Ковачевски од своја страна истакна дека Македонија како членка на НАТО продолжува да вложува во јакнење на капацитетите во задржување и јакнење на статусот на сојузник од доверба во Алијансата.
– Како најмлади членки се посветивме и ја постигнавме воената интеграција од било која претходна земја-членка која се приклучила на Алијансата – истакна Ковачевски.
Според него, стабилноста на регионот е исклучително и суштински важно и тоа повеќе од кога било досега.
– Токму затоа наш приоритет е евроинтеграцијата. Пред се на Северна Македонија, но и на регионот. Не смееме да имаме пречки и кочници на тој пат и ќе направиме се што е потребно да го исчекориме до крај, се до нашето членство во ЕУ во 2030 година – рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО во Владата.
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по официјалниот пречек, одржаа тет-а-тет средба, по што заедно со делегациите одржаа билатерална средба.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата присуствувале и министрите за надворешни работи, Бујар Османи, за одбрана, Славјанка Петровска и за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
На средбата, се наведува, беа посочени и конкретните политички и економски придобивки за земјата од членството во НАТО. Премиерот Ковачевски истакна дека стабилноста и безбедноста овозможена преку членството во НАТО е од огромно значење за развој на економијата и е директна придобивка и за граѓаните и за компаниите во Македонија.