Годината во чест на Ацо Шопов се одбележува со уште еден голем настан
Македонија продолжува да го чествува делото на својот класик. Јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов деновиве ќе се одбележи со уште еден голем настан, во организација на фондацијата „Ацо Шопов – поезија“. Под наслов „Ацо Шопов – невообичаено“, настанот ќе се одржи утре, со почеток во 19 часот, во Кинотеката во Скопје. Предвидена е богата и разновидна програма, со промоција на три книги и проекција на анимирани филмови, а ќе бидат поставени и две изложби. Благодарение на Софија Гогова-Врчаковска и Емил Рубен книгите ќе заживеат на сцената, а за нив ќе разговараат Иван Антоновски, Маја Бојаџиевска, Жарко Ивановски, Лидија Капушевска-Дракулевска и Јасмина Шопова.
Пред точно шеесет години, Шопов ја објави својата збирка „Небиднина“, а Небиднината се појавува повторно, но како централна оска, во книгата разговори што Иван Антоновски ги води со Светлана Шопова. „Од онаа страна на Небиднината“, во издание на „Дијалог“ е наедно и прва книга разговори за еден македонски писател водени со неговата сопруга, а во нив публиката ќе открие голем број податоци за непроценливиот влог на Шопов во развојот на нашата книжевна и општествена стварност.
Небиднината е исто така еден од можните влезови во „лавиринтот“ на втората книга што ќе се промовира на овој настан: „Песна над песните“, избор од поезијата на Шопов, од неговите размисли за литературата и за општеството, како и од критичките осврти кон неговото творештво, во издание на „Сигмапрес“. Станува збор за експериментална книга приредена од Јасмина Шопова, ќерка на Шопов, која е и преведувачка и толкувачка на неговата поезија. За првпат во еден избор од поезијата на овој наш класик, публиката ќе може да ги прочита и зборовите испишани со острото, но суптилно перо на оној што многумина го знаат само како „нежен лиричар“. За првпат ќе може да прочита и песни што досега не биле објавени, вклопени во еден несекојдневен литературен мозаик, кој со својата структура отвора нови хоризонти на читање и на толкување на творештвото на Шопов.
Преку Небиднината, поезијата на овој македонски мајстор на зборот денес доживува и креативна метаморфоза во рацете на четворица современи мајстори на сликата: Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски, автори на омнибусот „Небиднина“, кој ги содржи анимираните филмови „Долго доаѓање на огнот“, „Небиднина“, „Во сонот на црната жена“ и „Грозомор“. Публиката повторно ќе ги открие овие песни на еден сосема нов начин, со гласовите на Никола Ристановски и на сенегалскиот поет и препејувач Дауда Ндиај, но и со шепотот на Маја Трајаноска Ивановска. Истите тие можат да се прочитаат – преку збор и преку слика – во штотуку објавениот двојазичен графички омнибус „Небиднина – Not-Being“, во издание на „Флип бук букс“.
За креативниот дослух на авторите со поезијата на Шопов и удомувањето на лирскиот субјект во медиумот на анимираниот филм, подетално се изјаснуваат, на страниците на оваа нова „Небиднина“, Александар Прокопиев и Дарин Ангеловски. Осмислен не како илустрација, туку како литературно-ликовно претставување на поетското дело на Шопов, омнибусот е одраз на еден автентичен творечки чин на визуелно трансформирање на поезијата, при кое авторите поаѓаат од графијата на ракописот на поетот, за да развијат едно оригинално ликовно преобликување на неговиот лирски израз.
Во фоајето на Кинотеката, публиката ќе ја пречекаат две изложби. Со „Патот по кој чекорам“, присутните ќе зачекорат по врвиците на животот и делото на Ацо Шопов, преку фотографии, уметнички слики, стихови, цитати, ракописи, исечоци од весници, корици од книги и слични материјали отпечатени на банери. Со „Величествен поетски мост што ги поврзува сите континенти“, публиката ќе го проследи учеството на Шопов на „Струшките вечери на поезијата“, како и неговиот влог во популаризацијата на оваа манифестација преку оригинални фотографии на Душан Ѓоргон.
„Ацо Шопов – невообичаено“ е настан од отворен карактер за сите почитувачи на делото на Ацо Шопов и на македонската книжевност и култура. Се одвива во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. В.Д.