Ѓоковиќ, кој ја освои 71-та т.н. „голема титула“, сега е самостоен рекордер за бројот на трофеи на гранслем-турнири (24), АТП-финалиња (седум) и на мастерс-турнири од серијата 1.000 (40), пишува АТП

ТЕНИС – ПО РЕКОРДНИОТ СЕДМИ ТРИУМФ НА АТП-ФИНАЛИЊАТА

Новак Ѓоковиќ (Србија) во неделата одбележа уште една незаборавна година со тоа што уште еднаш го запиша своето име во историските книги, откако го победи Јаник Синер (Италија) со 6-3, 6-3 во Торино (Италија), за рекордната седма титула на финалните турнири на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), надминувајќи го Роже Федерер (Швајцарија, шест титули), пишува АТП.
Со тоа Ѓоковиќ ја освои 71-та т.н. „голема титула“, која е комбинација од освоени трофеи на гранслем-турнирите, АТП-финалињата, мастерс-турнирите од серијата 1.000 и златни медали на летни олимписки игри (ЛОИ) во поединечна конкуренција. Ѓоковиќ сега е самостоен рекордер за бројот на гранслем-титули (24), АТП-финалиња (седум) и мастерс-турнири од серијата 1.000 (40), пишува АТП.
Шест од седумте водечки трофеи на АТП-турнејата што ги освои Ѓоковиќ годинава беа „големи титули“, најмногу во една сезона од 2016 година. Од сите титули што ги освои Ѓоковиќ во кариерата, повеќе од 72 отсто од нив се „големи титули“, пишува АТП.
Ѓоковиќ досега освојуваше една таква титула на секои 3,1 одиграни турнири (71/218). Најблиску до него во победничкиот процент на вакви турнири е Рафаел Надал (Шпанија), кој освои еден трофеј на секои 3,5 одиграни турнири.
Светскиот тенисер број 1 сега е 98-кратен освојувач на титули и ќе го насочи своето внимание кон тоа да стане третиот играч што ја поминал границата од 100 титули, придружувајќи им се на Американецот Џими Конорс (109 трофеи) и на Федерер (103). Н.М.


Прв со 400 недели како светски број 1

Новак Ѓоковиќ вчера ја почна рекордната 400-та недела како број 1 на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), по повеќе од 12 години откако првпат се искачи на врвот на рангирањето, пишува АТП на својата интернет-страница.
– Тоа е мошне добро достигнување, 400 недели број 1. Тоа никогаш не е направено во историјата. Некој на крајот ќе го собори, но се надевам дека ќе остане долго време – рече Ѓоковиќ.
Во февруари годинава, Ѓоковиќ го собори рекордот на Штефи Граф од 377 недели и стана лидер на сите времиња во машка и во женска конкуренција, откако во 2021 година ја помина границата од 310 недели на Роже Федерер, дотогаш со најмногу недели на местото број 1 за мажи, пишува АТП.
Ѓоковиќ во минатата недела по рекорден осми пат го обезбеди првото место на АТП-листата на крајот на една календарска година (втор на оваа листа е Пит Сампрас со шест такви години). Н.М.

НЕДЕЛИ КАКО БРОЈ 1

(МАЖИ И ЖЕНИ)
Новак Ѓоковиќ 400
Штефи Граф 377
Мартина Навратилова 332
Серена Вилијамс 319
Роже Федерер 310

Извор: АТП