Научниците ги испечатија првите 3Д-фоликули на косата, што ги зголеми надежите за „лек“ за ќелавост. Истражувачите од САД за првпат испечатија 3Д-фоликули на косата во ткивото на човечката кожа. Тоа е голем чекор напред, а исто така и поттик за тестирање лекови и за пресадување кожа.
– Нашата работа е доказ за концептот дека структурите на фоликулите на косата може да се создадат на многу прецизен репродуктивен начин користејќи 3Д-биопечатење – вели д-р Панкај Каранде, вонреден професор по хемиски и биолошки инженеринг, кој ја водеше студијата.
Овој тип автоматизиран процес е потребен за да се овозможи идното биопроизводство на кожа. Реконструкцијата на фоликулите на косата со помош на човечки клетки е предизвик.
– Некои студии покажаа дека ако клетките се одгледуваат во тридимензионална средина, тие потенцијално можат да произведат нови фоликули на косата, а нашата студија се надоврзува на таа работа – додава тој.
Фоликулите на косата помагаат во одржувањето на влагата, ја регулираат телесната температура и складираат матични клетки што ѝ помагаат на кожата да заздрави кога е оштетена.
Тим од политехничкиот институт „Ренселаер“ во Њујорк сакаше да најде начин да создаде кожа што носи фоликула користејќи техники за 3Д-печатење на клеточно ниво. Тие дозволија примероците од кожата и клетките на фоликулите да се делат и да се размножуваат во лабораторија додека не добијат доволно за печатење. Секој вид потоа се меша со протеини и со други материјали за да се создаде „биомастило“.
Кожата потоа беше испечатена, слој по слој, со многу фина игла, додека беа создадени и канали за таложење влакнести клетки. Моменталниот животен век на овие ткива е две-три недели, што не е доволно време за да се развие косата. Меѓутоа, истражувачите се надеваат дека ќе го продолжат тој период, дозволувајќи ѝ на фоликулата дополнително да созрее и на крајот да расте косата.