Членовите на семејствата на исчезнатите и заложниците кои ги држи палестинското движење Хамас во Појасот Газа, придружувани од илјадници други Израелци, денеска, на петиот ден од маршот од Тел Авив пристигнаа во Ерусалим, и протестираа пред канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
По шест недели од смртносниот напад на Хамас врз југот на Изрел, што беше изведен на 7 октомври, нивната цел е да извршат притисок врз израелската Влада да ги ослободи киднапираните.
Со недели наназад илјадниците демонстранти извикуваа „Вратете ги сега дома!“, а денеска се собраа во Ерусалим со истото барање, носејќи израелски знамиња и фотографии од заложниците.
Во вторникот тие тргнаа од Тел Авив, што е шеесетина километри оддалечен од Ерусалим.
Медиумите пренесуваат дека семејствата на заложниците отворено ја критикуваат владата затоа што не ги информираше за нејзините напори за ослободување на заложниците.
Кога вечерва ќе се вратат во Тел Авив, на семејствата на заложниците им е ветена средба со Бени Ганц и Гади Ајзенкот, двајцата членови на израелскиот воен кабинет, а средбата треба да се одржи во седиштето на Форумот на семејствата на заложниците и исчезнатите, организација којха беше формирана за да обезбеди логистичка помош за роднините на околу 240-те заложници, кои досега се идентификувани од израелските власти. По оваа најавена средба ќе се одржат и демонстрации пред Музејот на уметноста, кој сега се нарекува Плоштад на заложниците, јавуваат израелските медиуми.
Семејствата денеска не добија одговор на барањето да се сретнат со премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.
Неколку извори минатата недела потврдија дека преку Катар се водат преговори за ослободување на заложниците во замена за прекин на огнот во војната.
Израелската влада досега отфрли каков било повик за прекин на огнот во војната против Хамас, која таа, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Во нападот на Хамас, на 7 октомври, загинаа повеќе од 1.200 лица на југот на Израел, од кои повеќето цивили, а други беа заробени и однесени во Газа.
Според последните информации од владата на Хамас, во израелските бомбардирања и копнената операција ви Газа досега се убиени 12.000 Палестинци, меѓу кои 5.000 се деца и 3.300 жени.
Ганц: Сè што прави воениот кабинет има за цел враќање на заложниците дома
Израелскиот министер и член на воениот кабинет, Бени Ганц, попладнево изјави дека операцијата на ИДФ во Газа ќе заврши „само кога ќе можеме да ветиме безбедност и да ги вратиме нашите момчиња и девојчиња дома“, пренесува „Тајмс од Израел“.
– Ќе потрае онолку долго колку што е потребно. Ние сме решени во оваа борба – изјави Ганц.
Тој кажа дека претходно вечерва се сретнал со семејствата на заложниците, на кои има пренел дека „сè што правиме има за цел прво и основно да ги вратиме нашите момчиња и девојчиња дома“.