Не можам да кажам од сега дека тој процес нема да успее. Месец и пол во политиката е долг период во кој може да се направат и големи работи. Меѓутоа, на крајот со име и презиме ќе ги кажеме тие што ќе ја прокоцкаат оваа историска шанса и кои ќе бидат причина за сите последици што ќе ги има оваа држава поради таа пропуштена можност, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на очекувањата од Самитот на лидерите на Европската Унија за Западен Балкан што ќе се одржи во декември.
Во одговор на новинарско прашање, Османи рече дека почетокот на преговорите е најтешкиот процес и дека тој нема да престане да работи „до последната секунда“, бидејќи „ние немаме алтернатива“.
– И затоа, секој што мисли на луѓето, не смее да престане да верува и да се обидува да го отвори тој процес којшто е без алтернатива за сите нас. Но, понекогаш се чувствуваме како Дон Кихот и се бориме против сите неправедности кои се обидуваат да ја кочат државата – рече Османи по промовирањето пригодна поштенска марка по повод претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.
На прашањето дали очекува поместувања во ставовите на опозицијата, рече дека однесувањето на опозицијата е да мисли само на наредните избори и, како што рече, „додека ни се загрозува иднината, ние сме целосно посветени кој ќе биде министер и кој ќе биде премиер“.
– Историјата ќе ги казни тие луѓе што ја пропуштаат и ја прокоцкуваат оваа историска шанса пред која се наоѓаме. Но, ние ќе се бориме до крај за да успееме да направиме исчекор – рече шефот на дипломатијата.
Во однос на очекувањата од Самитот лидерите на Европската Унија за Западен Балкан во декември, претседателот на државата Стево Пендаровски денеска изјави дека е „јасно дека не може да има позитивна одлука за нас“ поради „тврдиот став на опозицијата.
До среда или четврток ќе се знае дали Лавров ќе дојде во Скопје
Се процесираат апликациите и во наредните денови, очекувам некаде до среда-четврток, да имаме конечна одлука, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на прашањето дали на претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје ќе учествува и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Се уште не е дефинирано кој ќе ја предводи делегацијата на Русија на состанокот на ОБСЕ, со оглед на затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји за високите претставници на руското МНР.
На 30. Министерски совет на ОБСЕ, кој ќе се одржува од 29 ноември до 1 декември во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ и се очекуваат 1.000 гости во делегациите.
Османи денеска, по промовирањето пригодна поштенска марка по повод големиот настан, изјави дека е задоволен од динамиката на организирањето на состанокот, подготовките се при крај и дека остануваат да се завршат одредени детали во наредните денови.
– Секој ден има нови делегации што го потврдуваат присуството и задоволен сум од тоа што го имаме досега. Очекувам најголем број од министрите на ОБСЕ да бидат присутни во Скопје бидејќи и така ќе биде историски министерски совет – додаде шефот на македонската дипломатија и претседавач на ОБСЕ.