Фото: МИА

На годишниот самит на Глобалниот парламент

Над стотина градоначалници и голем број претставници на меѓународни организации учествуваа на Годишниот самит на Глобалниот парламент на градоначалници што денеска се одржа под домаќинство на Градот Скопје, насловен „Моќни, инклузивни и грижливи градови: Обезбедување на демократија и развој со генерациите кои доаѓаат“.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, во неговото обраќање осврнувајќи се на изградбата на Скопје после земјотресот од 1963 година рече дека Скопје не е ни прв, ни последен град погоден од катастрофа, но дека прв пат во историјата, обновата на еден разрушен град прерасна во меѓународна солидарност без преседан.

-За жал, 60 години подоцна, визијата за Скопје како град на иднината се повеќе изгледа како недостижна цел. Повеќедецениската централизација на услугите и нерамномерниот регионален развој во државава ја забрзаа миграцијата кон Скопје и доведоа до пренаселеност. Како и многу други градови во светот и Скопје, за жал, се соочи со брза и непланска урбанизација, агресивна бетонизација, узурпација на јавниот простор и намалување на зелените површини. Рапидната урбанизација ја зголеми и социјалната нееднаквост, меѓу елитните квартови и маргинализираните острови на сиромаштија кои постојат во истиот град. Прашањето со кое се соочуваме е: како да се обнови довербата меѓу самите граѓани кои живеат во градот, од една страна, и меѓу граѓаните и нивниот град, од друга – посочи Пендаровски.

Во таков случај, тој посочи, довербата се гради околу општото добро и јавниот интерес, а и ден денес, како што рече, јавниот интерес е врзивното ткиво на секоја поголема човечка заедница, од метрополите се до мегаградовите со десетици милиони жители.

– Хармонизирањето на различните потреби и интереси на илјадници, па и милиони жители е вистинското мерило за успех на градските власти. Тоа најдобро се постигнува преку враќање на општото добро и јавниот интерес во свеста на граѓаните и во животот на градот. Се разбира, тоа важи и за Скопје – потенцираше Пендаровски.

На самитот свое обраќање имаше и генералниот секретар на Конгресот за локални и регионални власти на Европскиот Совет, Метју Мори, кој ја спомна важноста на младината во општеството.

– Младите луѓе се поривот за промени во нашите општества, во нашите градови и внатре во меѓународните организации. Тоа наша одговорност и ваша одговорност, да има ја дадете таа моќ што ја заслужуваат – рече Мори, додавајќи дека Конгресот на Европскиот Совет ја применува оваа промена и веќе десет години вклучува млади луѓе во нивната работа.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, им посака добредојде на сите повеќе од 200 гости, меѓу кои повеќе од 100 градоначалници, заменици градоначалници, како и претставници на градските општини поврзани со Глобалниот парламент на градоначалници.

На Годишниот самит на Глобалниот парламент на градоначалниците, што трае три дена, покрај меѓусебните средби, се одржуваат и панел дискусии и пленарни сесии поврзани со теми од локалната самоуправа.