Македонскиот претставник на Светското поединечно првенство (СП) за јуниори (до 14, 16 и до 18 години) во Монтесилвано (Италија), Антон Златков (2.220 рејтинг-поени, рангиран 46-ти пред почетокот на турнирот), по одличната игра во првите три партии, го доживеа првиот пораз. Тој во категоријата до 16 години, во четвртото коло со црни фигури загуби од ерменскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Ерик Гаспарјан (2.320, рангиран 19-ти). Златков засега има 2,5 поени и е на 31-то место меѓу 138 шахисти (шест ИМ, 33 ФМ) од 71 држава.
Од другите седум македонски претставници, од кои три шахистки, кои играат на СП, први забележаа победи Теодор Јовановски (2.140) во категоријата до 18 години и Малакај Насков (1.324) во категоријата до 14 години. Јовановски беше подобар од Јорданецот Ракан Даса (1.661) и сега е 103-ти со 1,5 поен, меѓу 134 шахисти (еден ВМ, 12 ИМ, 41 ФМ) од 69 држави, додека Насков од Езувел Мутема од Зимбабве моментно е на 161-то место со еден поен меѓу 178 учесници (два ИМ, 28 ФМ) од 80 држави.
Кај шахистките, пак, засега најдобропласирана Македонка е Инџи Ајрадиноска (1.594, рангирана 62.), која со еден поен (две реми партии) е на 72-то место меѓу 86 шахистки (еден ЖВМ, четири ЖИМ, еден ФМ, 18 ЖФМ) од 55 држави.
На СП играат вкупно 766 учесници во сите категории (450 момчиња и 316 девојчиња) од 92 држави. Новите светски прваци по категории ќе бидат прогласени по одиграните 11 кола.
Г.И.