Фото: Влада

Се подготвуваат нови антикризни мерки со таргетиран пристап, ќе се зголемат платите и пензиите според предвиденото во колективните договори, ќе продолжат поддршката за компаниите, грижата за стандардот на граѓаните и капиталните инвестиции, најави претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

-Во антикризните мерки коишто во моментов се подготвуваат што наскоро ќе бидат презентирани, ќе бидат опфатени најранливи категори на граѓани, меѓутоа ќе бидат опфатени и пензионери кои примат пензија до ниво на минимална плата. Минималната плата постојано расте, наредната година ќе имаме минимална плата којашто ќе биде во висина од 22.500 денари, што историски е највисоко ниво, изјави премиерот Ковачевски во интервјуто за Канал 5 ТВ, соопшти владината прес – служба.

Тој посочи дека до крајот на ова година во Буџетот се предвидени 75 милиони евра за антикризни мерки, а за идната година се предвидени дополнително 55 милиони евра за антикризни мерки, тука пред се, вели тој, се мисли на продолжување на субвенционирањето на цената на електрична енергија.

-Буџетот ги исполнува целите за коишто е направен, а тоа е обезбедување економска, фискална и макроекономска и монетарна стабилност на државата – нагласи Ковачевски.

Претседателот на Владата најави дека следната година во Буџетот ќе има средства за покачување на платите во јавниот сектор како и зголемување на инвестициите во инфраструктурата.

-Ја исполнува целта за зголемени плати за работниците во администрацијата, во образование, во здравството и во целиот јавен сектор, за поддршка на компаниите во инвестициите и, секако, зголемено ниво на инвестиции во инфраструктурата, оцени Ковачевски.