Здравствените власти и заробени кои се нааоѓаат во најголемата болница во Газа „Ал Шифа“ велат дека борбите во близина на објектот и понатаму продолжуваат, додека инкубаторите повеќе не работат поради прекин на електричната енергија, а критичните резерви се при крај, јавуваат светските агенции.
Тие ги отфрлаат тврдењата на Израел дека помогнал во евакуација на бебиња и други луѓе од болницата вчера.
Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус синоќа соопшти дека успеале да ја вратат комуникацијата со здравствените работници во болницата.
-Постојаните пукотници и бомбардирањата во областа ги влошија и онака критичните околности. Трагично, бројот на смртни случаи на пациенти значително се зголеми. За жал, болницата повеќе не функционира како болница – напиша Гебрејесус на социјалната мрежа Икс (Твитер).
СЗО изгуби контакт со болницата во саботата, а Министерството за здравство во Појасот Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека најголемиот болнички комплекс во палестинската енклава престанал со работа откако останал беа гориво за генераторите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека неговата земја ѝ понудила гориво на болницата, но Хамас одбил да го прифати, наводи кои веднаш беа демантирани од шефот на „Ал Шифа“, кој ги нарече „лага и клевета“, пренесе ДПА.
Нетанјаху ги отфрли повиците за итен прекин на огнот во Газа, условувајќи го со ослободување на околу 240 заложници што ги држи Хамас, а кои беа киднапирани на 7 октомври при нападот на милитантната група на Израел што ја предизвика војната.
Еден ден откако израелскиот премиер рече дека војската влегува со „полна сила“ за да стави крај на 16-годишното владеење на Хамас во Пјасот Газа, жителите на палестинската енклава пријавија силни воздушни напади, вклучително и околу болницата „Ал Шифа“, пренесува „Асошиејтед прес“ (АП).
Последниот генератор во „Ал Шифа“ остана без гориво во саботата, починаа три предвремено родени бебиња и четворица други пациенти, соопшти Министерството за здравство на Газа, додавајќи дека уште 36 бебиња се загрозени.
Израелската војска тврди дека оставила 300 литри гориво во текот на ноќта во близина на болницата за генераторите што ги напојуваат инкубаторите за предвремено родени бебиња и го координирале породувањето со болничките службеници. Но, според израелската војска Хамас спречил болницата да го добие горивото.
Портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф ал Кидра, ги оспори ваквите наводи, изјавувајќи за Ал Џезеира дека горивото нема да биде доволно за еден час работа на генераторот.