Фото: ЕПА

Првото коло се игра утре (Синер – Циципас и Ѓоковиќ – Руне) и в понеделник (Алкараз – Зверев и Медведев – Рублев). Четири од осумте тенисери го освоија овој трофеј претходно. Ѓоковиќ ќе игра и за да го надмине Федерер за најмногу титули во историјата на АТП-финалињата и е на една победа осми пат да биде прв на АТП-листата на крајот на една година, што, пак, ќе му овозможи да стане и првиот што стигнал до 400 недели на врвот на АТП-листата…

ТЕНИС

Првиот носител Новак Ѓоковиќ ќе ја предводи Зелената група на финалниот турнир на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) од утре во Торино (Италија), во која се и четвртиот носител Јаник Синер, Стефанос Циципас и Холгер Руне, пишува АТП. Вториот носител Карлос Алкараз ја предводи Црвената група, во која ќе настапат и Данил Медведев, Андреј Рублев и Александер Зверев.
Четири од осумте натпреварувачи годинава во поединечна конкуренција го освоија трофејот претходно, и тоа Ѓоковиќ (шест пати), Зверев (двапати), Медведев и Циципас (по еднаш). Дебитанти на АТП-финалињата се Руне и Алкараз. Ѓоковиќ ја брани титулата на АТП-финалето освоена во минатата година.

АТП-финалињата се играат од 1970 година (домаќини на тој турнир биле 15 града, во Торино се игра од 2021 година) и досега 25 тенисери го освоиле трофејот, а 10 од нив повеќе од еднаш.
Ѓоковиќ игра и за да го надмине Роже Федерер за најмногу титули во историјата на АТП-финалињата (двајцата сега имаат по шест трофеи од тие турнири). Ѓоковиќ исто така се приближува и кон потврдување на првото место на АТП-листата на крајот на годината, што би било осми пат во неговата кариера, пишува АТП.
За тоа му треба само една победа во групната фаза. На второто место на оваа листа е Пит Сампрас, кој шест пати беше тенисер број еден на листата на АТП на крајот на една година.

Ако го оствари тоа, Ѓоковиќ ќе стане и првиот играч во историјата на АТП-рангирањето што стигнал до 400 недели на врвот на листата како светски тенисер број 1 (во моментов има 398 недели како водечки тенисер на светското рангирање). Единствениот друг тенисер што ја достигнал границата од 300 недели е Федерер (310).
Ѓоковиќ се обидува да ја освои и својата 98. титула, што ќе го доведе до два триумфа од тоа да им се придружи на Џими Конорс (109 трофеи) и на Федерер (103) како единствени што освоиле најмалку 100 титули во кариерата, пишува АТП.
Годинашното АТП-финале во Торино почнува утре, со натпреварите во Зелената група, Синер – Циципас и Ѓоковиќ – Руне. В понеделник, пак, е првото коло во Црвената група, во која двојките се Алкараз – Зверев и Медведев – Рублев. По трите кола, првите двајца тенисери од двете групи ќе настапат во полуфиналето. Истовремено во Торино се игра и годинашниот завршен турнир во двојки.

Н.М.


АТП-ФИНАЛЕ, ПРВО КОЛО

Зелена група, утре
Синер – Циципас
Ѓоковиќ – Руне
Црвена група, понеделник
Алкараз – Зверев
Медведев – Рублев
првите мечеви во двата дена нема да почнат пред 14.30 часот, а вторите не пред 21 ч.
Извор: АТП