Отровните мамки се меѓу главните причини за неприродна смрт на многу загрозени видови. Труењето се смета за најголема закана за мршојадците на Балканот и тоа придонело за регионално истребување или сериозно опаѓање на бројот на видовите во регионот
Вкупно 80 претставници на државни институции на 6 и 7 ноември во Битола и во Кавадарци беа обучени за истраги при случаи со труење диви животни, во рамките на еднодневни обуки организирани од Македонското еколошко друштво (МЕД). На обуката учествуваа полициски службеници, локални државни инспектори за животна средина, државни инспектори за ловство, локални официјални ветеринари и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, ловочувари и претставници од локални ловечки друштва, претставници од невладиниот сектор, како и јавни обвинители.
– Кога станува збор за еколошки прекршоци или кривични дела, неопходен е мултидисциплинарен пристап. Ефикасна координација меѓу институциите, јасна процедура при инциденти со диви видови, зајакнати капацитети, како и издигнување на јавната свест се клучни за намалување на криминалните дела против дивиот свет – изјави Арта Старова, проектна координаторка во Македонското еколошко друштво.
Во рамките на проектот „Балкан детокс лајф“, МЕД соработува со надлежните институции за да се создаде т.н. стандардна оперативна процедура за постапување при случаи со труење на диви животни. Овој документ ќе ја определи шемата на надлежности и ќе ја подобри државната координација за успешно постапување. Сето тоа ќе резултира со зајакнато познавање кај надлежните државни институции што треба да се презема при увид на местото на настанот или да се спроведе за успешна предистражна и истражна постапка.
Предавачите на обуката беа експерти, професори и вработени лица од засегнатите државни институции (Државен инспекторат за животна средина, Факултет за безбедност – УКЛО, Оддел за форензичко испитување во Министерство за внатрешни работи, Институт за биологија при УКИМ, Агенција за храна и ветеринарство), кои презентираа детали за спроведување инспекциски надзор при случај со труење на диви животни, криминалистичка истрага при вакви инциденти, правилен начин на собирање траги на местото на настанот, знаци на труење кај дивите животни, како и употреба на форензичка ентомологија како метод за утврдување на датумот на смртта.
– Концептот на обуката беше одличен, особено беа важни практичните вежби и сценарио за форензичко постапување на местото на настанот при труење диви птици и дискусијата на сите учесници – вели Марина Малиш Саздовска, предавачка на обуките од Факултетот за безбедност -УКЛО.
Отровните мамки се меѓу главните причини за неприродна смрт на многу загрозени видови, бидејќи тие претставуваат неселективно средство за убивање животни, особено на месојадни и мршојадни видови. Труењето се смета за најголема закана за мршојадците на Балканот и тоа придонело за регионално истребување или сериозно опаѓање на бројот на видовите во регионот. Денес таа практика е незаконска во Европа, вклучувајќи и на Балканот, но сè уште се применува како брзо и евтино „решение“ за справување при конфликти со предатори и други диви животни.
„Зајакнување на капацитетите на државните институции за борба против труење на дивите животни и подигање на јавната свест во балканските држави“ е регионален проект финансиран од програмата „Лајф“ на Европската Унија и на национално ниво е координиран од Македонското еколошко друштво, во соработка со осум европски партнерски организации.
С.Ј.