Родителите на учениците од основното училиште „Владо Тасевски“ во скопската општина Карпош, каде што е евидентиран, според надлежните, еден изолиран случај на шуга, се загрижени, а дерматолозите потврдуваат дека нивната загриженост е оправдана
Учениците од основното училиште „Владо Тасевски“ во скопската општина Карпош вчераутро беа ослободени од настава, откако, според надлежните, бил евидентиран еден случај на заболен од шуга во второ одделение. Наставата била откажана од превентивни причини. Од училиштето не сакаа да дадат податоци за појавата на шуга кај ученикот. Кратко ни искоментираа дека не даваат изјави и дека постапката е во тек. Од општината Карпош, пак, се категорични дека станува збор за изолиран случај.
– Сакаме да ги известиме јавноста, учениците и сите родители дека нема простор за паника. Кај ниту еден друг ученик не се појавени симптоми на ова заболување, а во изминатиот период општината Карпош направи редовна дезинфекција на училиштето. Во текот на денот ќе се направи уште една, вонредна дезинфекција. Изолираниот случај на шуга вторпат се појавува кај истиот ученик поради недоволна семејна грижа за личната хигиена – информираат од општината Карпош.
Оттаму додаваат дека одделението за детска, социјална и здравствена заштита при општината Карпош и Центарот за јавно здравје веќе се во комуникација со матичниот лекар, специјалист дерматолог што констатирал шуга кај ученикот.
Редовната и непречена настава во училиштето, како што е најавено, ќе продолжи в понеделник.
Родителите се загрижени поради ваквата состојба. Велат дека мора да се преземат сите мерки за да се заштитат децата.
– Во кој век живееме? Како може да се дозволи да се појави шуга меѓу децата? Шугата се појавува вторпат кај истото дете. Родителите треба сериозно да сфатат дека мора да внимаваат на хигиената, затоа што не страда само нивното дете туку сите сме под ризик да заболиме. Се надеваме дека ова ќе остане единствен случај и шугата нема да се прошири и кај другите деца – вели мајка на ученик во основното училиште.
Дерматолозите потврдуваат дека загриженоста на родителите е сосема оправдана.
– Причинител е паразит што прави канали во кожата. Заболувањето се пренесува со близок физички контакт, а најчесто е присутно при лоши хигиенски услови. Најчестите симптоми што се јавуваат е интензивен јадеж, особено ноќно време, присутен на рацете, нозете, пазувите и на гениталиите.
Потребно е да се лекуваат сите што биле во близок контакт со личноста што е заболена. На тој начин се прекинува синџирот на инфекција – вели м-р д-р Наташа Теовска-Митревска, специјалист дерматолог во првата приватна општа болница „Ремедика“.