Фото: ЕПА

Во првата сезона, всушност првата полусезона на Меси во Интер, клубот го освои својот прв трофеј, во Лига-купот, вртоглаво пораснаа посетеноста на мечевите и влијанието на Интер на фудбалските социјални мрежи, дресот со бројот 10 на Меси стана најпродаваниот во МЛС… Во новата сезона, пак, од Интер ќе се очекува да го освои секој трофеј за кој ќе се натпреварува, првенството, Лига-купот, Отворениот куп на САД и Купот на шампионите на Северна Америка, пишува АП

ФУДБАЛ

Лионел Меси викендов беше на младински фудбалски турнир во југозападна Флорида, гледајќи го својот син како игра. Се обидуваше да биде обичен фудбалски татко. Секако, не постои нешто како „обичен“ кога се зборува за најдобриот играч на светот, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Сите се маѓепсани од неговото присуство. Дури, како што се испостави, и неговите соиграчи од Интер Мајами. Деандре Једлин, на пример. Тој е високоостварен играч со светско искуство и признанија, играл во Премиер-лигата и на две светски првенства за САД и бил во олстар-тимот во фудбалската лига на САД (МЛС). Једлин беше капитен на Интер Мајами кога почна сезонава. Потоа Меси му се приклучи на клубот во јули, а сѐ се смени во еден момент.
– Мислам, да, бев одушевен. Пораснав гледајќи го ова е момче и му се восхитував. Значи, се разбира, секогаш кога ќе наидете на голем, особено најголемиот некогаш, мислам дека е нормално да бидете малку шокирани. Навистина бев како: „Леле, тоа е Меси. Тој е тука“. Но, кога ќе играте со него, ќе го запознаете, ќе сфатите дека тој е многу нормално момче, многу скромен, се грижи за сите – рече Једлин.

ОСМА „ЗЛАТНА ТОПКА“

Меси, 36-годишниот фудбалер, во минатата недела ја освои „златната топка“, наградата за најдобриот фудбалер во светот во една година, осми пат, зголемувајќи го својот рекорд. Никој друг не освоил повеќе од пет од тие трофеи. Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, неодамна изјави дека неговиот најдобар играч Ерлинг Холанд и Меси го заслужуваат трофејот.
– Секогаш велев дека „златната топка“ треба да биде од два дела, една за Меси и една за другите – рече Гвардиола, кој му беше тренер на Меси во Барселона.
Вкупно 14-ти пат Меси е меѓу првите тројца во гласањето, зголемувајќи уште еден рекорд. Тој го освои трофејот додека играше за Барселона, го освои додека играше во Пари сен Жермен и го освои додека игра за Интер Мајами, што е првиот случај играч на клуб од МЛС да добие такво признание.
– Да се игра со него на теренот и да се споделуваат заеднички моменти е радост – рече Жорди Алба, долгогодишен соиграч на Меси, кој му се придружи и во Интер Мајами.

ЗА ЕДНА ПОЛУСЕЗОНА ЕДЕН ТРОФЕЈ

Во првата сезона, всушност првата полусезона на Меси во Интер, клубот го освои својот прв трофеј, при што Меси го предводеше тимот до победата во Лига-купот (и иако ја носеше капитенската лента, во знак на скромност за која зборуваат соиграчите, тој го натерал Једлин, претходниот капитен, да го крене тој трофеј). Посетеноста на мечевите вртоглаво порасна, влијанието на Интер на фудбалските социјални мрежи вртоглаво порасна, се верува дека гледаноста расте и дресот со бројот 10 на Меси стана најпродаваниот во МЛС. Тој заработува некаде помеѓу 50 и 60 милиони долари по сезона во Интер Мајами, а приливот на приходи го овозможува тоа, пишува АП. Но, повредите, истрошеноста, сето тоа зеде данок, веројатно влошени поради тоа што Интер мораше да игра многу мечеви во Лига-купот („Беше многу тешко за нас, играјќи на секои три дена, со патувања, со тренинзи“, рече Меси.) Повредата на ногата го принуди Меси да пропушти голем број дуели во Лигата и клубот го пропушти плејофот, иако тимот беше надвор од плејофот и пред да дојде Меси во јули.

МЕСИ, АЛБА, БУСКЕТС…

Тие веќе се подготвуваат за 2024 година, а треба да почнат со тренинзи за неколку меча, во почетокот на ноември во Кина. Во новата сезона, пак, од Интер ќе се очекува да го освои секој трофеј за кој ќе се натпреварува, првенството, Лига-купот, Отворениот куп на САД и Купот на шампионите на Северна Америка.
– Ќе уживам во празниците во Аргентина, првпат ќе се забавувам многу во декември, во мир со мојот народ. И потоа ќе се вратам, ќе има претсезона, ќе почнам од нула и ќе се подготвам за најдобри можни резултати, како и секогаш – им рече Меси на новинарите по мечот на Аргентина во октомври.
За Интер сега сѐ е поинаку. Новите ѕвезди, Меси, Алба, Серхио Бускетс, пристигнаа, сите ќе играат и во 2024 година. Уште еден потег во средината на сезоната, доаѓањето на тренерот Херардо Мартино, кој сега добива целосна претсезона за да го постави клубот за она што го чека во 2024 година.
– Тоа е годината кога мислев дека некако нашата работа навистина ќе почне. Очигледно во овие четири месеци имаше важни работи за кои игравме и кои беа многу, многу важни за клубот. Но, сега, со одлична претсезона, конкретен состав, дефиниран список, треба да ги погледнеме нашите сили и да планираме одлична година – рече Мартино.
Голем дел од актуелниот тим на Интер ќе игра и в година. Се шират гласини дека барем уште едно големо име, Луис Суарез, Уругваецот што играше со Меси во Барселона, ќе се упати во Интер Мајами, пишува АП. А Меси, дури и по речиси две децении, колку што е во центарот на вниманието на фудбалот, останува најголемата ѕвезда.
– Мислам дека тоа беше нешто ново за Северна Америка, за нашиот тим, за оваа лига. Тоа беше нешто што никој досега не го видел. Мислам, тоа е многу голем момент во историјата на фудбалот и имаше толку многу внимание затоа што луѓето не знаеја што ќе се случи. Навистина ѝ се радувам на 2024 година, бидејќи знаеме што може да се случи – рече голманот на Интер Мајами, Дрејк Календер, пренесе АП. Н.М.


НЕКОИ ТРОФЕИ НА МЕСИ СО КЛУБОВИ

домашни титули 12
домашен суперкуп 8
домашен куп 7
Лига на шампионите 4
европски суперкуп 3
клупско СП 3
лига-куп 1
СО РЕПРЕЗЕНТАЦИИ
младински светски првак 1
сениорски светски првак 1
олимписки првак 1
Копа Америка 1
Финалисима 1

ИНДИВИДУАЛНИ
златна топка 8
најдобар во избор на ФИФА 3
најдобар во избор на УЕФА 3
златна копачка на Европа 6
златна копачка во Шпанија 8
златна копачка на ЛШ 5
златна копачка
на Копа Америка 1
златна копачка
на младинско СП 1
златна топка на СП 2
златна топка на Копа Америка 2
златна топка на клупско СП 2
награда „Лауреус“ 2
златна топка на младинско СП 1