Обраќање по повод меѓународната конференција „Историските личности во историјата и во колективната меморија“, организирана од Институтот за национална историја, која се одржува во МАНУ од 6 до 8 ноември 2023 година
Токму насловот на денешнава конференција „Историските личности во историјата и во колективната меморија“ имплицира повеќе прашања од одговори, но, впрочем, зар тоа не треба да биде иманентна карактеристика на секоја конференција?! Ќе го илустрирам тоа со неколку прашања.
Што значи придавката „историски“: дали придавката се однесува на личности што се занимавале со научната дисциплина историја или на личности што оставиле белег во историјата – историјата, сега, сфатена не како научна дисциплина туку како суштествување, опстојување, живеење, пред сè, бидејќи станува збор за конференција организирана од Институтот за национална историја, на Македонците и на Македонија како современа држава?
Понатаму, во насловот ја среќаваме зборовната група „…во историјата…“, па оттука, повторно, се наметнува прашањето што значи именката историја? – научна дисциплина или денешното живеење, суштествување, денешниот мизерен, понижувачки живот во Македонија?
Која е улогата и каков е придонесот (негативен или позитивен) на Институтот – организаторот на оваа конференција? Дали Институтот е научна или политичка институција? Конечно, во насловот се среќава синтагмата „колективна меморија“ – тема што за нас, Македонците, зазема особено значајно место. Како иницијаторите на оваа конференција го разбираат терминот „колективна меморија“? Чија колективна меморија? Дали Македонците имаат право на своја колективна меморија или таа треба да биде обликувана од другите држави?
Се разбира, овие прашања и размисли за историјата се поврзани со сфаќањата на Хегел и на Фуко. Разликата меѓу историја на минати собитија (historia rerum gestarum) и самите собитија (res gestae) е воведена од Хегел. Фуко, пак, го воведува терминот Историја (со големо И), остварувајќи епистемолошко поместување. Според него, Историјата „постои многу повеќе од веројатна форма на сукцесија: таа претставува еден вид основен начин на постоење“.
Денешнава конференција се организира по повод 145 години од раѓањето на Чуповски, кој, заедно со Мисирков, претставуваат основоположници на МАНУ. За жал, за што зборував веќе неколку години – од 2020 година до денес, но за што многупати говорел и се залагал академик Блаже Ристовски, 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, сè уште не се одбележува како Ден на МАНУ, што е во согласност со воспоставената практика на соседните академии во Србија и во Бугарија, поточно на САНУ и на БАН.
Оваа тема, сепак, заслужува, според моето мислење, барем обид за анализа и за размислување.
Едно сениште кружи низ Македонија – сеништето на македонството. Многу сили во Македонија и во ЕУ направија сојуз за света војна против македонството – тој сојуз е притаен, добро воден, меѓусебно оркестриран и меѓународно синхронизиран, медиумски сестрано помогнат, а во исто време, за да се намалат неговата видливост и неговата снага, во Македонија се промовираат бесмисленост, апсурд, неукост, алчност, апатија, промена на Уставот, од една страна, додека, пак, од друга страна, сите што барем малку ќе проговорат за македонството се етикетираат за националисти, предавници и лажговци. Меѓутоа, за разлика од оние што инсистираат на промена на Уставот во Македонија, јас се вџасувам и се згрозувам од фактот што, во демократска Европа, во 21 век, воопшто, како граѓанин на оваа моја земја, јас сум принуден да избирам меѓу овие две опции.
Мој избор, без колебање, е: НЕ за промена на Уставот и ДА за ЕУ.
Пред десет години, во книгата „Историја на Институтот за национална историја“, издадена по повод неговиот 65-годишен јубилеј (1948 – 2013), пишува: „Институтот за национална историја е една од првите научни институции, која е родена речиси кога и македонската држава. Тоа значи дека уште со формирањето на државата јасна била и идејата дека без националните научни дисциплини нема современа македонска нација и држава.
Оваа симбиоза вткаена во едно далечно време трае сè до денешен ден“. Дали навистина оваа симбиоза меѓу националните научни дисциплини и македонската нација/држава трае до денешен ден, до ноември 2023 година? Што е тоа што се промени од 2013 година до 2023 година? На сите прашања поставени во ова обраќање ќе оставам да одговорат историчарите, особено вработените во Институтот, но и другите научни работници во Македонија, а денешново обраќање ќе го завршам со следната порака.
Граѓаните, па така и професорите на кој било универзитет во светот, имаат право да го определат сопствениот национален идентитет. Според Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации: „Секој има право на националност“ и „Никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“. Меѓутоа, професорите што извршуваат раководни функции, на пример, директори на национални институции, без разлика на нивната национална припадност, имаат општествено одговорна задача да се грижат за македонскиот јазик, за македонската книжевност и за научната дисциплина историја на Македонија.
Кога станува збор за Македонија, ќе подвлечам дека сегашниот однос на дел од политичарите, но и на дел од историчарите, кон македонството предизвикува вознемиреност, затоа што таквиот однос ја исклучува иднината од минатото, ставајќи ја таквата иднина надвор од историскиот сензибилитет. Дисциплината историја постои под претпоставка дека нашето минато, сегашност и иднина се поврзани преку одреден континуитет на човечки искуства.
Оттука, иднината може да се замисли со помош на истите способности, капацитети, моќи, кои овозможуваат да го замислиме минатото. Денес Македонија се наоѓа во противречна и конфузна состојба – за европска иднина за нас, треба да замислиме иднина без нас. Во книгата со наслов „Светот без нас“, авторот Ален Вајсман нуди оригинален пристап кон прашањата за влијанието на човештвото врз планетата: тој бара од нас да ја замислиме планетата Земја без нас.
Меѓутоа, јас никако не можам да ја замислам Македонија без Македонците, па затоа посакувам Македонците да се обединат околу градењето достоинствена иднина, во која македонството ќе биде нашето суштествување, а Чуповски, Мисирков и Делчев – нашите корифеи.