Министерот Бујар Османи порача дека нему му е важна платата бидејќи тој живее само од плата, но од што да живеат мнозинството граѓани на Македонија, чии плати се неколкукратно пониски од примањата на овој министер и на сите други функционери?!
Инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година се сведе на 6,6 отсто во септември 2023 година и ќе продолжи со надолен тренд и натаму, триумфално соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна минатата седмица (21.10.2023). Во истиот напис информира и дека има и пад на невработеноста, која во февруари 2023 година се сведе на 13,1 отсто, а пред пандемијата била 17,3 отсто. И на крајот ја сподели со јавноста радосната вест дека продолжува и трендот на намалување на сиромаштијата.
Па, каде живее министерот? Во Македонија или во некоја друга земја? Само неколку дена пред неговите оптимистички пораки беше објавена економско-социјална анализа од врвни стручњаци, според која во нашата земја се случува алармантен скок на сиромаштијата. Тоа е истата анализа што беше причина вицепремиерот Фатмир Битиќи пред новинарските камери да се правда дека не носи брендирана облека и дека сакото што тој ден го носеше му го сошил „чичко Борче“ со своите „златни раце“,чевлите му биле од штипска „Баргала“, а ја искористил пригодата и од штипските конфекции да си ги купи и чорапите што ги носеше тој ден.
Секоја чест на оваа врвна демагогија на вицепремиерот, но тоа не ја намалува неговата одговорност како втор човек во Владата и како втор човек во владејачката СДСМ за развлекувањето на законот со кој требаше да ги „нормализираат“ своите функционерски плати, кој по сѐ изгледа нема да биде донесен барем уште неколку месеци. Или, ајде да речеме – нема да биде донесен додека се тие на власт, односно ќе биде донесен, ама тамам ќе стигне да се применува за следната власт. Или, можеби пред изборната кампања, за да им донесе некој глас повеќе во битката за зачувување на власта.
Во меѓувреме над половина милион граѓани на Македонија се сиромашни и немаат доволно пари ни за храна, покажа студијата за влијанието на инфлацијата врз сиромаштијата во Македонија подготвена од искусни економски истражувачи, меѓу кои е и Бранимир Јовановиќ, некогашен советник во Министерството за финансии. До крајот на годинава се очекува околу 80 илјади граѓани денот да го поминуваат со 60 денари, односно ќе немаат пари ни за леб и млеко. Над 440 илјади граѓани, пак, ќе имаат само 200 денари дневно во џебот. Резултатите од анализата покажуваат дека екстремната сиромаштија, како последица на оваа криза, ќе порасне за најмалку 12.000, а најмногу 28.000 лица, што изнесува помеѓу 20 и 50 отсто зголемување во однос на претходната состојба. Пред кризата, земјава имала 56.000 луѓе што живеат во екстремна сиромаштија. Во таканаречената умерена сиромаштија бројките се уште поголеми, односно таа ќе порасне за 80.000 до 160.000 лица. Пред кризата таа бројка била околу 360.000 луѓе, а според најновите податоци може да достигне до 510.000!
Оттука, театарскиот костум на вицепремиерот Битиќи, а велиме театарски бидејќи токму таква му е и намената – да прави театар за јавноста, не може да го скрие фактот дека ТИЕ се со светнати костуми и чевли, а обичниот граѓанин е со излитена и износена облека, та дури и кројачот „чичко Борче“ му е недостижен како да е Армани.
Македонија заедно со Украина, Молдавија, Босна и Херцеговина и со Албанија се петте најсиромашни земји во Европа. Но, тоа не беше причина токму во месецот кога се одбележува Меѓународниот ден на борбата против искоренувањето на сиромаштијата – 17 октомври, нашиот економско-финансиски врв да не одлета во егзотичното Мароко на годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, кои се одржаа од 9 до 15 октомври.
Сепак, се вратија токму навреме да го „фатат“ денот за борба против сиромаштијата. Притоа, се случи и „судирот“ на податоците – од една страна розовите податоци од министерот за финансии, а од друга страна песимистичките прогнози на економските експерти објавени во нивната студија. Министерот за финансии Бесими, во гостување на една национална телевизија, под очигледни импресии од мешањето со богатите во мистичниот Маракеш во Мароко, нѐ уверуваше и дека во услови на криза, нашата земја успеала да го продолжи трендот на намалување на невработеноста и на сиромаштијата. Исто така, како што вели тој, растат и платите, и тоа од април наваму растат и повеќе од инфлацијата, така што тоа е, порача министерот, голем успех за нашата економија и општество.
Сега кому да му се верува? На министерот или на истражувачите, кои своите наоди ги базираат на реалните состојби на теренот. Или ајде да прашаме – ако подобрувањето е веќе извесно, тогаш зошто се подготвува нов, деветти по ред пакет мерки од над 4,5 милијарди денари, наменет за граѓаните и за фирмите, со цел полесно справување со ценовната и енергетската криза? Дали можеби македонското општество дојде до фаза кога најповиканите за креирање економски амбиент се обидуваат да ги фризираат состојбите за да превенираат можни социјални немири, особено по себичната одлука на властите да ги прифатат зголемените плати и да глумат дека кројат закон за нивно намалување? Сојузот на синдикатите побара функционерските плати да бидат намалени точно за 78 проценти, колку што изнесуваше зголемувањето. Но, и самиот синдикат не верува во таква можност. Особено затоа што синдикатот достави предлог-закон што е веќе три месеци во законодавниот дом и за кој нема никаков одговор, односно наиде на игнорирање од законодавната власт.
Интересно е што предлогот еднакво е игнориран и од владејачкото мнозинство во парламентот и од опозицијата, која вообичаено е гласна за правата на работниците и за растечките социјални разлики, меѓутоа кога станува збор за намалувањето на функционерските плати реши да си молчи. Тоа јасно укажува на лукративниот интерес и кај опозициските пратеници, бидејќи намалувањето на платите ќе ги опфати и нив, како и градоначалниците од нивната партија, кои се во доминантен број на мапата на локалната самоуправа.
Од тие причини и владините најави дека подготвуваат нов закон за платите, кој ќе значи нивно намалување, се дочекани со скептицизам во јавноста и во синдикалните организации. Ако властите сакаа да ја поправат таа неправда, имаа време од седум месеци да го сторат тоа. Но, не го сторија.
Зачудувачки е што Владата не го есапи ни предизборниот период во кој се наоѓа земјава и не се труди да им го олесни животот на граѓаните, кои секојдневно се борат со влошениот економски стандард. Мерките што беа донесени во септември не се ни препознаа во семејните буџети. Намалувањето од 10 отсто на цените на оризот, брашното, лебот и други пекарски производи, како и на месото и месните и на млекото и млечните производи не го даде очекуваниот ефект бидејќи трговците лукаво ги амортизираа намалувањата со зголемување на цените на други производи што не се опфатени во пакетот, а се користат во секојдневието. Тоа не се одрази забележително ни на животниот стандард на населението. Синдикалната кошница во септември изнесуваше 48.379 денари, што е за 966 денари помалку од претходниот месец. Овој „успех“ се должи на таканаречените загарантирани цени, но, да бидеме реални, од каква помош се 966 денари повеќе во еден месец? Ако е тоа целиот ефект од владините мерки, тогаш логично е да се прашаме што нѐ очекува по 30 ноември, кога ќе престане важноста на мерките, а ќе почне предновогодишното трошење, кога потрошувачката треска, сакале – не сакале, влегува во секој дом.
Скапата живејачка се заканува да ја уништи довербата кон институциите на државата, но вистинското прашање е дали некому му е грижа за тоа. Ако некогаш говоревме за јаз меѓу богатите и сиромашните, денес говориме за јаз меѓу сиромашните и државните функционери во Македонија.
Медиумски извештаи покажаа дека платата на нашиот премиер, која изнесува 2.600 евра, е четири пати повисока од просечната плата во државата. Македонскиот премиер е и меѓу поскапо платените во регионот, двојно повеќе платен од, на пример, српската премиерка, повеќе платен и од црногорскиот и од косовскиот премиер. Соодносот меѓу премиерската и просечната плата е попристоен дури и во Хрватска, која е членка на ЕУ, каде што тој сооднос е трипати. Министерот Бујар Османи порача дека нему му е важна платата бидејќи тој живее само од плата, но од што да живеат мнозинството граѓани на Македонија, чии плати се неколкукратно пониски од примањата на овој министер и на сите други функционери?!
Соња Крамарска
(Республика.еду.мк)