Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ

Неизвесност на отворениот турнир, осуммина во водство

Американецот Фабиано Каруана (2.786 – рангиран прв пред турнирот) во драматична завршница го победи Русинот Евгениј Најер, Индиецот Видит Гујрати ја постигна својата четврта победа во петтата партија, Узбекистанецот Јавохир Синдаров го совлада Американецот Сем Севијан во 23 потези во партија во која кралевите беа на спротивните страни од таблата, Србинот Александр Предке тактички го надигра Американецот Сем Шенкланд, на првата табла, во 27-от потег со вечен шах, а ремизираа Русинот Андреј Есипенко и Американецот Хикару Накамура, тоа се некои од позначајните резултати на големиот турнир на Светската шаховска федерација, на британскиот остров Ман. На турнирот играат 113 шахисти (106 велемајстори) за пласман на Турнирот на кандидатите во 2024 година. По шестото коло, од вкупно 11 на врвот со по 4,5 поени се осуммина шахисти, Предке, Синдаров, Есипенко, Еригаиси, Накамура, Каруана, Гујрати и Полјакот Радослав Војташек.
На турнирот за жени Украинката Ана Музичук (2.510, рангирана четврта) изби сама на врвот со пет поени, откако со бели фигури ја победи Казахстанката Бибисара Асаубајева (2.469). Со по 4,5 поени ја следуваат Асаубајева, Индијката Рамешбабу Ваишали, Бугарката Антоанета Стефанова и Русинката Александра Горјачкина, меѓу 50 шахистки. Првите двајца во двете конкуренции ќе се пласираат за Турнирот на кандидатите во Торонто (Канада), за предизвикувачи на светските прваци, Кинезите Динг Лирен и Ју Венјун. Г.И.


КОШАРКА – НБА

Јокиќ се израмни со Џејмс и со Кид

Кошаркарот Никола Јокиќ од Денвер, од Западната конференција, и Тајрис Макси од Филаделфија, од Источната, ги добија наградите за најдобри играчи во првата недела во НБА-лигата сезонава. Јокиќ имаше просек од 26,3 поени, 13 скока и 7,7 асистенции, а со т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) на мечот со Јута се израмни на четвртото место со Леброн Џејмс и Џејсон Кид, со по 107, а напред се Меџик Џонсон (со 138), Оскар Робертсон (181) и Расел Вестбрук (198). Но Јокиќ ја достигна оваа бројка со убедливо најмалку одиграни мечеви во однос на неговите конкуренти (600). Џејмс го стори тоа на 1.424, Кид на 1.391, Џонсон на 906, Робертсон 1.040, а Вестбрук на 1.097 настапи. Макси, пак, помогна Филаделфија да има резултат 2-1 во победи во првата седмица од сезоната, со просек од 30,3 поени, 6,7 скока и 6,3 асистенции по натпревар. Посебно се истакна неговиот ефект од 34 коша (7/9 за три поени) во победата над Торонто. Макси има просек од 56 отсто (14/25) за три поени во три натпревари сезонава. Г.И.


ФУДБАЛ
Меси постави неколку убедливи рекорди

Лионел Меси (36) ја освои својата осма „златна топка“, награда за најдобар фудбалер во една година, во изборот на францускиот магазин „Франс фудбал“, сега има три повеќе од кој било друг фудбалер и продолжува да поставува рекорди што можеби никогаш нема да бидат соборени, пишува „Би-би-си“. Во продолжение издвојуваме некои од рекордите на Меси.
l Најмногу „златни топки“, осум. Неговата инспиративна улога во помагањето на Аргентина да ја освои титулата на Светското првенство речиси гарантираше дека ќе го зголеми рекордот на освоени награди на осум, пишува „Би-би-си“. Кристијано Роналдо е најблискиот ривал на Меси, со пет „златни топки“.
l Најмногу голови во една сезона во Ла лига, 50. Невозможно е да се каже кога ќе биде соборен овој импресивен резултат. Тие 50 гола на Меси на 37 меча за Барселона во сезоната 2011/2012 не само се рекорд во една сезона од кој било играч во една од најдобрите пет европски лиги, од формирањето на Премиер-лигата во 1992 година. Од формирањето на Ла лига во 1929 година, само тројца постигнале 40 гола, Меси и Роналдо по двапати и Луис Суарез еднаш.
l Најмногу голови во сите натпреварувања во една сезона, 73. Во таа рекордна сезона 2011/2012, Меси постигна 73 гола во сите натпреварувања за Барселона и оттогаш никој не се приближил на тој ефект. Ерлинг Холанд собори многу рекорди во својата дебитантска сезона во Премиер-лигата во минатата сезона, но, и покрај тоа што навидум постигнуваше голови секоја недела, тој во таа сезоната постигна 52 гола, 21 помалку од феноменалниот резултат на Меси, пишува „Би-би-си“. Великанот на Евертон, Дикси Дин, постигна 63 гола во сезоната 1927/1928, рекорд на англиската врвна лига.
l Најмногу голови во Лигата на шампионите за еден клуб, 120. Меси е на второто место на листата на стрелци во Лигата на шампионите, со 11 гола помалку од 140-те на Кристијано Роналдо. Но 120-те гола на Меси за Барселона се најмногу што еден играч ги постигнал за еден клуб во тоа натпреварување. Роналдо е втор на таа листа, со 105 погодока за Реал Мадрид.
l Најмногу голови за Аргентина, 106. Меси е рекордер меѓу стрелците на репрезентацијата на Аргентина и уште постигнува голови. Во меѓународната кариера, која почна во 2005 година, тој постигна 48 гола повеќе од претходниот рекордер Габриел Батистута и 63 повеќе од третопласираниот Серхио Агуеро. Н.М.