Одржана јавна дебата „Дами, проверете се!“ во организација на АУЕ – ФОН
Во светот на секои две минути се дијагностицира по една жена заболена од рак на дојка. Од почетокот на овој настан веќе три жени се дијагостицирани со рак на дојка. Ова е силен аргумент дека на оваа тема не треба да зборуваме само во октомври или во март, како меѓународни датуми за одбележување на борбата против канцерот на дојка, туку треба да е тема на која секојдневно отворено зборуваме и да ја креваме свеста кај жените за прегледување и за рано откривање на канцерот на дојка. Ова беше истакнато на вечерашната јавна дебата насловена „Дами, проверете се!“ во организација на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, со која високообразовната институција се вклучи во одбележувањето на октомври – месецот посветен на борбата против ракот на дојка.
Посветено се работи на унапредувањето на овој сегмент на здравството како и до полесен пристап до превентивните и навремени прегледи, имајќи предвид дека раното откривање може да спаси живот, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити при неговото обраќање на денешната дебата. Тој додаде дека скрининг мамографијата е бесплатна за жените, односно оти партиципацијата ја покрива Министерството за здравство.
– Само од почетокот на оваа година реализирани се над 3.000 прегледи во рамките на овој скрининг. Исто така неодамна имплементиравме значајни новини во однос на патеката за преглед на дојката, со цел жените да направат преглед на дојка согласно нивната клиничка слика, односно медицинската потреба. Тоа значи дека жени со клиничка слика за промени во дојка добиваат упат за преглед на дојка, а радиологот ги издава потребните дополнителни упати на биопсија. Со ова значително се олеснува пристапот на жените до потребната здравствена услуга – рече Меџити.
Специјалистката по радиодијагностика Маја Стојчевска Чапова, на дебатата кажа дека идејата на сите скрининг прегледи, редовните мамографии и сите денешни техники е за рано откривање на карциномот.
– Идејата за „Само преглед“ што ја промовиравме и уште ја промовираме е да и даде идеја на жената дека треба да се јави на преглед. Значи, не дека вие самите сте должни да откриете нешто и дека самите ќе бидете свесни во кој момент треба или не треба да се јавите на преглед, но од одредена возраст треба редовно да се прави преглед – рече Стојчевска Чапова.
Н дебатата учествуваа и докторите Никола Васев и Маја Јакимовска, авторката на книгата „Пресек“ Маја Трајковиќ и водителката Лила Филиповска, како специјална гостинка. Модератори беа претставниците од универзитетот Сефер Цаноски и Александра Србиновска Дончевски. Целта на настанот е зголемување на свеста за превенција, навремена дијагноза, третман и за лекување на ракот на дојка, како што соопшти организаторот.