Фото: Игор Бансколиев

КОШАРКА

НБА објави дека рекордни 125 интернационални кошаркари од 40 земји од шест континенти се на списокот за првите мечеви за сезоната 2023/2024, вклучувајќи рекорден број играчи од Канада (26) и од Франција (14). Ова е трета последователна сезона во која списокот за првите дуели има најмалку 120 интернационални играчи и 10-та сезона по ред со најмалку 100 меѓународни играчи, а сите 30 тима имаат најмалку по еден странец, пишува НБА. Претходниот рекорд за меѓународни играчи (121) и сегашниот за застапени земји (42) беа поставени пред сезоната 2021/2022, односно 2017/2018. Десетта сезона по ред Канада е најзастапена земја надвор од САД, а потоа следуваат Франција, Австралија (девет играчи), Србија (седум), Германија (шест), Нигерија, Турција (по пет)… Далас и Оклахома имаат по осум интернационалци, Торонто и Сан Антонио по седум, Бостон и Феникс по шест… Тројца странци ги освоија претходните пет награди за најкорисен кошаркар, Џоел Ембиид (2022/2023), Никола Јокиќ (2021/2022 и 2020/2021) и Јанис Адетокунбо (2019/2020 и 2018/2019). Рекордни 55 актуелни кошаркари во НБА играа на Светското првенство годинава, вклучувајќи и четворица во светскиот првак Германија, Денис Шредер (Торонто), Даниел Теис (Индијана) и Франц и Мориц Вагнер (Орландо), пишува НБА. Н.М.