Италијанскиот стартап „Карбониум“ го претстави својот робот Сенди на „Мејкер фер Рим 2023“, кој беше развиен за чистење на песочните плажи.
Сенди е автономен, евтин и еколошки робот, кој може да го елиминира дури и најдлабоко вкоренетото ѓубре од песокот. Целта на проектот е да се користи роботиката во корист на животната средина, како и да се најде брз и евтин начин за чистење на брегот, а истовремено да се заштити локалниот екосистем и да се собираат податоци за животната средина.
Малиот ровер се движи по плажата самостојно и избегнува пречки додека го собира ѓубрето на кое ќе наиде и потоа го отстранува. Алгоритмите за вештачка интелигенција го просејуваат песокот и го одвојуваат ѓубрето од чакалот и школките, со што се осигуруваат дека околината не е нарушена.
– Нашиот робот е дизајниран да ја чисти околината, но да не го нарушува природниот пејзаж. На пример, додека роботот поминува преку природни предмети како школки што треба да бидат таму, тој ги прескокнува, па сè останува на своето место – рече Микеле Скарамафи од компанијата „Карбониум“.
Компанијата е основана од Џузепе Лапиетра, студент на прва година по физика на Универзитетот во Бари, заедно со Џулио Гисмонди, студент во трета година на научното училиште „Едоардо Амалди“ во Битето. Двајцата иноватори се сретнаа и учествуваа на Олимпијадата по роботика и стигнаа до финалето.