Во едниствениот амбиент на црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево беше отворена третата самостојна изложба на мајсторот резбар Марјан Тренески и фрески на академскиот сликар Илче Ѓорески. На изложбата беа претставени 24 дела од кои 20 резби на Тренески и 4 фрески од Ѓорески. Пред голем број љубители на убавата уметност, за оваа изложба зборуваше Ивица Блажевски, кој воедно изложбата ја прогласи и за отворена.
-Оваа вечер е несекојдневна, полна со убавини, духовно исполнение, радост и големина. Ги поздравувам сите присутни на оваа изложба а посебен поздрав до главните актери создавачи на овие дела кои сега стојат пред вас, резбарот Марјан Тренески и академскиот сликар- зограф Илчо Ѓорески, кои се мајстори во својата област. Ќе се обидам да дадам мал вовед во изработените дела на Илчо кои се изложени вечерва а тоа се „Целивалната икона на градската црква Христос архиереј“, „Иконата на владичкиот трон“, „Медаљоните на балдахинот“ и „Целивалната икона на храмот Свети Георгиј Победоносец“ – од Кнежински манастир. Низ нишката на доверба се проткаени 20 годишно искуство макотрпна работа и голема љубов кон резбарството, љубов кон бога и православието. Низ овие дваесет години со длето и корито, низ дрвото, Тренески ги оформуваше миговите и делата на најзначајните и најголеми христијански чудотворци кои вечерва се изложени во овој свет храм – истакна во своето обраќање модераторот, Ивица Блажески.
Тој додаде дека делата од вечерашната изложба љубителите на уметноста од Кичево ќе можат да ги видат и во наредните два дена поточно на 20 и 21 октомври. З.А.