САД сметаат дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој бара политички азил во Унгарија, треба да ја отслужи затворската казна во својата земја, изјавил претставник на американскиот Стејт департмент за „Политико.еу“.
– Во правен и транспарентен процес, македонскиот суд го осуди на две години затвор Никола Груевски за злоупотреби на служената должност. Пресудата беше потврдена и од други судски инстанци. Дополнително, Груевски е обвинет уште во четири кривични предмети. Ние сметаме дека судските постапки во Македонија треба да продолжат, а Никола Груевски да одговара пред македонскиот правосуден систем – кажал претставникот на Стејт департментот.