По мечевите во октомври, Австрија, Франција, Белгија, Англија, Португалија, Шпанија, Шкотска и Турција се пласираа на ЕП 2024, како и Германија, како домаќин на првенството
ФУДБАЛ
По осум кола во квалификациите, осум репрезентации ѝ се приклучија на Германија и ќе играат на фудбалското Европско првенство (ЕП) в година. Австрија, Франција, Белгија, Англија, Португалија, Шпанија, Шкотска и Турција ги обезбедија своите места на ЕП 2024, како и Германија, како домаќин на шампионатот.
Деветте репрезентации што досега обезбедија пласман на ЕП 2024, настапија и на минатото континентално првенство, играно во 2021 година, а осум (освен Шкотска) и на ЕП 2016.
Германија 14-ти пат ќе игра на европските фудбалски првенства, за Шпанија тоа ќе биде 12-то учество, по 11-ти пат ќе настапат Франција и Англија, Португалија деветти пат, Белгија седми, Турција шести, а Австрија и Шкотска по четврти пат. Од овие девет селекции, трикратни европски шампиони се Германија (во 1972, 1980 и во 1996 година) и Шпанија (1964, 2008 и 2012), двапати континентален првак беше Франција (1984 и 2000 година), а Португалија еднаш (2016-та).
Во ноември, во деветтото коло, уште неколку селекции имаат можност со своите резултати или и со резултатите на ривалите да го обезбедат пласманот на ЕП 2024, а другите ќе обезбедат учество на шампионатот по 10-то коло, исто така, во ноември. Првите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи ќе играат на континенталното првенство в година, како и три селекции што ќе победат во плејофот на лигите А, Б и Ц од Лигата на нациите.
Во плејофот треба да настапат победниците на групите во Лигата на нациите, а тоа се Холандија, Хрватска, Шпанија и Италија во лигата А, потоа Израел, БиХ, Србија и Шкотска во лигата Б, како и Грузија, Грција, Турција и Казахстан во лигата Ц.
Селекциите што низ квалификациите ќе се пласираат на ЕП 2024 им го отстапуваат своето место во плејофот на други репрезентации, според пласманот во Лигата на нациите. Така, од овие 12 репрезентации директен пласман досега остварија Шпанија, Шкотска и Турција.
Местото во доигрувањето за пласман на ЕП 2024 досега го обезбедија репрезентациите на БиХ, Финска (лига Б) и на Грузија (лига Ц). Врз основа на пласманот во квалификациските групи по осмото коло (заклучно со натпреварите на 17 октомври), двојките за плејофот би биле Грузија – Луксембург, Грција – Казахстан во лигата Ц, Израел – Исланд, БиХ – Финска во лигата Б и Хрватска – Естонија, Италија – Полска во лигата А, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Домаќините на финалните натпревари ќе бидат одредени со ждрепка. Н.М.