Од можните рекорди што трикратниот светски првак Макс Ферстапен може да ги собори до крајот на сезонава, три се веќе во негова сопственост, а на еден Себастијан Фетел. Во преостанатите осум трки ќе се води и натпревар за освојување и на второто и на третото место во вкупниот пласман. Викендов возачите ќе бидат во Остин (САД), каде што в сабота на програмата е спринтот, а в недела е трката за големата награда на САД
ВО ПРЕОСТАНАТИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА ВО ФОРМУЛА 1
Откако на претходната трка, во Катар, Макс Ферстапен ја обезбеди третата шампионска титула во Формула 1 (Ф1), следуваат уште пет класични и три спринт-трки до крајот на сезоната, во кои трикратниот светски првак има мотиви за уште одлични настапи, со кои би можел да собори и неколку рекорди, а ќе има и трка за освојување на второто и на третото место во вкупниот пласман.
Викендов возачите во Формула 1 ќе бидат во Остин (САД), каде што в сабота на програмата е спринт-трката, а в недела е трката за големата награда на САД.
Од можните рекорди што Холанѓанецот Ферстапен може да ги собори до крајот на сезонава, три се веќе во негова сопственост. Така, на пример, Ферстапен по 17 трки сезонава собра 433 поени и во следните натпревари ќе се обиде да го собори сопствениот рекорд за најмногу поени во една сезона, 454 освоени лани.
Ферстапен годинава забележа 14 победи на трките, една помалку од рекордот што тој го постави во 2022 година. Ферстапен е сопственик и на рекордот за најмногу пласмани на подиуми (први три места на една трка) во една сезона, 18, остварен во 2021 година. Тој сезонава во 17-те трки се искачи 16 пати на подиумот.
Во преостанатите пет трки, но и уште три спринта (вкупно остануваат да се освојат 146 поени), Ферстапен ќе се обиде да собори и еден рекорд на Германецот Себастијан Фетел. Во 2013 година, Фетел стана светски првак со најголема разлика пред второпласираниот во шампионатот таа сезона, 155 поени пред Шпанецот Фернандо Алонсо. Ферстапен сега води пред Мексиканецот Серхио Перез со 209 поени предност.
Ферстапен ја обезбеди титулата, но во преостанатиот дел од сезоната ќе има натпревар и за втората и за третата позиција во вкупниот пласман, откако разликата меѓу возачите е мала. Така, Перез е втор на табелата со 224 поена, пред Луис Хамилтон со 194, Алонсо со 183, Карл Саинс јуниор со 153, Шарл Леклер со 145… Н.М.