Марк Булингем, извршен директор на ФА и член на ИФАБ, очекува ИФАБ да разговара и за други промени, како што е разговорот помеѓу судијата и ВАР да биде достапен да се слуша на стадионот, а рече и дека знае оти од ИФАБ било побарано да разговара за проширување на опсегот на ВАР, за да одлучува и за доделување корнери и слободни удари, пишува „Би-би-си“
ФУДБАЛ
Употребата на најавите на одлуките на системот видеопомошник-судија (ВАР) на стадионот треба да се прошири надвор од настаните во организацијата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пишува „Би-би-си“. Одлуките на ВАР беа објавувани на Светското првенство за жени, но новинската агенција ПА вели дека Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) сега ќе тестира во други натпреварувања.
Марк Булингем, извршен директор на Фудбалската асоцијација (ФА) и член на ИФАБ, очекува ИФАБ да разговара и за други промени, како што е да се направи разговорот помеѓу судијата и ВАР достапен да се слуша на стадионот, пишува „Би-би-си“. Тој рече дека продолжувањето на тестирањето е „чекор во вистинската насока“.
На Светското првенство во јули, судиите ги соопштуваа одлуките на ВАР преку микрофон за гледачите на стадионите и дома, првпат на меѓународен турнир на ФИФА за сениори. Во минатиот месец погрешната комуникација помеѓу ВАР и судија доведе до тоа голот на Луис Дијаз од Ливерпул погрешно да биде поништен, како гол од офсајд, на натпреварот во Премиер-лигата со Тотенхем, а шефот на судиите во Англија, Хауард Веб, рече дека оттогаш се преземени чекори за да се избегне повторување на контроверзноста, пишува „Би-би-си“.
Булингем рече и дека знае оти од ИФАБ било побарано да разговара за проширување на опсегот на ВАР за да одлучува за одлуки како што се доделување корнери и слободни удари. ВАР моментно може да интервенира само на одлуките околу голови, пенали, директни црвени картони и погрешен идентитет за доделен црвен картон.
– Мислам дека навистина не би сакале да имаме натпревар што ќе биде прекинуван многу повеќе отколку што е сега, но тоа ќе биде соодветна дискусија – рече Булингем, пренесе „Би-би-си“. Н.М.