Анестезија

И ова пријателско дружење така лошо заврши. Од преубава дружба и муабетење за музика, го избербативме муабетот со политика. Добро е што на крајот и не се фативме за гуша. И онака во муабетите за политиката никој не победува. А и стопати сме рекле дека нема да зборуваме за политика

Колку знае да биде животот суров и непредвидлив во одредени моменти, па дури и најубавите моменти знае да ги претвори во кошмар.
Деновиве со група пријатели имавме убава дискусија со која се навративме на убавите моменти од младоста. Меѓу другото почнавме и дискусија околу значењето на зборовите на антологиската тема „Анестезија“ од непрежалените „Екатерина Велика“, за многумина од нас најмоќниот и највлијателен музички состав што се појавил на овие простори. И токму во најжестокиот дел од расправата еден од нас го „тури“ муабетот. Мртов ладен рече дека анестезија е едноставно дијагноза на она што денес ние и овде го живееме.
Наспроти непрецизноста дека анестезија не може да биде дијагноза, туку е нешто сосема друго, расправата, како и секогаш, се префрли на актуелни теми. Кај нас анестезијата главно се перципира како постапка при хируршки зафати кога на болниот му се дава опојно средство за да се изгуби достапот на сетилните дразби до некое сетило, при што се губи чувството за болка, но во принцип, традиционално, ја означува состојбата на блокирање на секакво чувство. Веројатно, второво официјално толкување е поблиско до она што ни се случува. Ја следиме целава ситуација како да ни се тотално блокирани сите чувства и како зад некое непробојно стакло само немо набљудуваме што ни се случува.
Свесни сме дека нешто лошо ни се случува, но како да сме под анестезија, само немо набљудуваме во својот сон, без да се обидеме да се разбудиме.
Гледаме и не можеме да веруваме. Целата држава како да е во некоја колективна анестезија.

Власта е комплетно неефикасна, се однесува како да ѝ се врзани рацете и не презема ништо. Основните столбови на кои се потпира секоја држава – законодавната, судската и извршната власт – како да не постојат. Односно постојат, но се крајно неефикасни, како да се под силна анестезија и никако да се разбудат. Собранието работи по некој чуден ритам, седници се закажуваат, па се прекинуваат и никако да се завршат, други се закажуваат, па се откажуваат, а некои никако да се закажат. Резултатот од сето тоа е една комплетна блокада на она што треба да биде најважната институција во некоја држава.
За судската власт и не треба да се трошат многу зборови, доволно е да се видат анкетите, па дури ниту оние нарачаните не можат да ја скријат срамната вистина. А оние што не веруваат во анкетите можат секојдневно да се уверат во состојбата преку многубројните скандали, кои се нижат како на лента, а во кои главни актери се некои залутани ликови во судско-обвинителската фела, кои ни самите не знаат што бараат таму.
И, се разбира, сето ова не би можело да функционира во таква хармонија ако не е извршната власт, која цело време се обидува да ја разубави состојбата со некакви спинови и немушти изјави на носителите на власта, кои стварноста ги демантира во секој поглед. За што да се фати човек? Дали за фактот за Гинис, кога ја прогласија урдата, покрај десетици други продукти со кои се храни најголемиот дел од населението за луксузни производи што мора да поскапат? Дали можеби од чудната препорака за нашите луѓе во Израел дека треба да си купат авиобилети за комерцијалните летови, кои во моментов не постојат, за евентуална евакуација, додека сите други соседни, па и подалечни земји ангажираат специјални чартер-летови за да ги извлечат своите луѓе од пеколот на војната. Дали можеби за дисонантните тонови по најважните прашања во надворешната политика…? И ова е само од последнава недела, да не одиме поназад.

Но да не забегаме во критиките на власта. Некој би требало да ја разбуди од анестезијата и опозицијата. Ако е власта носител на општествениот поредок и напредок, опозицијата е нејзин контролор, коректор, фактор што би требало во даден момент да ја разбуди власта ако случајно падне во анестезија.
Се разбира, освен ако и самата не е под дејство на таа иста анестезија, па и опозицијата само да констатира недостатоци, аномалии, недоследности, криминали… и толку. Опозицијата треба да биде активен чинител и да нуди излез од ситуацијата, да предлага решенија и тоа да го покаже на дело. Академските расправи и прес-конференции се добри, но само до одредена граница. Потребен е чекор повеќе…
И, ете, и ова пријателско дружење така лошо заврши. Од преубава дружба и муабетење за музика, го избербативме муабетот со политика. Добро е што на крајот и не се фативме за гуша. И онака во муабетите за политиката никој не победува. А и стопати сме рекле дека нема да зборуваме за политика.