Фото: Општина Прилеп

Во овие клучни времиња кога се одредуваат иднината на државата и воопшто иднината на македонскиот народ, од круцијално значење е да не се заборават најважните датуми, оти тие ја освежуваат колективната меморија, го држат сплотено општественото ткиво, го надградуваат чувството на припадност кон една нација и една држава, а што е уште поважно го будат тоа чувство кај помладите генерации, кои треба да бидат иднината на оваа земја

Исчезнуваат ли празничната атмосфера, восхитот и длабоката почит при одбележувањето на државните празници?!

Без поголема помпа, без потребниот пиетет, без централен сенароден собир помина уште едно чествување на 11 Октомври, денот кога започна борбата против фашистичкиот окупатор во земјава.
Политичарите како по обичај се поделија, одржаа понекој пригоден говор, секој пред своите поддржувачи, поделија понекоја државна награда и толку, потоа сите се посветија на некои други помалку важни работи, кои немаат никаква допирна точка со датумот што значеше удирање на темелите на современата македонска држава.
Во овие клучни времиња кога се одредуваат иднината на државата и воопшто иднината на македонскиот народ, од круцијално значење е да не се заборават најважните датуми, оти тие ја освежуваат колективната меморија, го држат сплотено општественото ткиво, го надградуваат чувството на припадност кон една нација и една држава, а што е уште поважно го будат тоа чувство кај помладите генерации, кои треба да бидат иднината на оваа земја.
А таквиот потценувачки однос од страна на политичарите кон најважните датуми од македонската историја, како и сè подлабоката поделеност во општеството по сите основи, создава еден вид одбојност кај граѓаните, кои повеќе не гледаат сенародно заедништво на празниците, туку обична партиска промоција и можност за искористување на уште еден неработен ден.

– Одев порано и на Мечкин Камен за Илинден, а сум учествувал лично и на одбележувањето на 11 Октомври во Прилеп. И тогаш луѓето беа партиски поделени, но прославите на овие датуми беа заеднички. Се знаеше за што се бореа илинденците, а за што партизаните. Сите се бореа за Македонија и ние како народ бевме горди на тоа и го славевме нивното дело. Сега повеќе не одам на овие прослави оти тие повеќе наликуваат на партиски митинзи отколку на некаков голем државен празник. Сега и пристапот не е слободен, туку мора човек да помине низ полициска контрола, па ако го пуштат добро, ако не, никому ништо – вели Пеце Методиевски од Скопје.
Тој додава дека сè поретко граѓаните присуствуваат на одбележувањето на празниците оти нема вистинска празнична атмосфера.
– Во поранешна СФР Југославија, кога се славеше Денот на републиката, мислам дека еден месец однапред се подгреваше празничната атмосфера низ целата тогашна држава, а самиот ден беше кулминација, со огномети, паради, слетови, народни собири. Тоа на почетокот на 90-тите години од минатиот век го продолживме и во самостојна Македонија, но како што политичарите ја зголемуваа поделбата меѓу граѓаните така се губеше и енергијата што го сплотуваше народот на ваквите важни датуми. Сега имам чувство како некој намерно да сака да ги маргинализира овие датуми за да можат полека да се избришат од колективната свест и да ни се креира некоја нова наметната свест и некои други датуми – нагласува Методиевски.
Социологот Илија Ацевски смета дека политичките поделби до таа мера ги дезавуирале најважните настани од македонската историја, што тие сега се сведени на обични неработни денови без никаков пиетет кон празникот што се одбележува.

– Тие поделби едноставно доведоа во еден момент празникот да се доживува како ден кога не работиме. Наместо празнична, се создаде атмосфера дека тоа е ден кога не се работи. Она што во суштина треба да го одбележи празникот не се постигнува. Лично сметам дека на тој ден треба да му се даде една содржина што ќе ги отстрани сите тие моментални политичко-партиски настани и која ќе го потхранува патриотскиот дух кај народот. За мене празникот е празник кога ќе ги видам сите политички лидери на иста линија. Тоа е национален празник на Македонија, а не еден лидер слави на една страна, друг на друга, сите со различни пораки. На празникот мора да се заборави на тие дневнополитички настани, на тие партиски поделби по разни линии и да се истакне дека тој ден е ден на македонската борба за независност, за самостојна држава, за борба против фашизмот или за она на што се однесува датумот што останал забележан во нашата историја – вели Ацевски.
Според него, македонското општество е веќе сега длабински поделено и не му требаат дополнителни поделби, особено не на празниците важни за нашата колективна меморија.

– За мене на националниот празник мора да се изгубат сите тие дневнополитички агенди, говори и да се каже дека, ете, тоа е датумот што го обединува македонскиот народ, борбата за неговиот идентитет, да се истакне фактот дека македонскиот народ се приклучил кон една слободарска коалиција, која здружено се кренала против фашистичкото зло. Партиите барем на тој ден треба да ги тргнат настрана поделбите, за да не гледаат граѓаните обични партиски лидери, туку национални водачи без разлика дали тие се согласуваат или не за разни други прашања. Тоа кај народот, кога ќе ги види сите заедно, ќе влијае како обединувачки фактор. Таквиот чин ќе даде малку храброст, малку надеж дека сепак не сме ние како народ и како држава за фрлање. За жал, нашиве политичари само го продлабочија тој јаз на поделби и затоа спласна култот кон националните празници – заклучува Ацевски.


Патриотското чувство се гради од најраното детство

Патриотското чувство и односот кон националните празници се гради уште од најмали нозе, поточно уште од стапувањето на децата во градинките и понатаму низ целиот образовен процес.
САД, нашиот стратегиски партнер, го прават тоа постојано, издигнувајќи го националното чувство кај најмладите уште од најмали нозе. На секоја американска куќа гордо се вее американското знаме на националните празници, па дури и кога не е празник, што говори за духот во кој се воспитуваат американските граѓани.
Во таа насока се и неодамнешните иницијативи во основните училишта во земјава да почне да се интонира државната химна и да се истакнува државното знаме. Децата сакаат да се идентификуваат со државата во која живеат и сакаат нивната држава да биде успешна приказна, а секое ускратување и потиснување на тоа нивно чувство е чекор назад во градењето вистински македонски идентитет.
Тоа подразбира и збогатување на образовните програми со содржини во кои ќе се истакнува македонската борба преку посети на историските споменици, преку историски часови на тие места, литературни творештва на темата „Македонија“, уметност инспирирана од македонската традиција, историја и култура, едноставно будење на националното чувство.
– Патриотското чувство и чувството на љубов кон својата татковина се гради од најмали нозе. Како ќе изградите такво чувство во оваа држава кога младите, зборувам од најмали нозе, до оние на факултет, гледаат што се случува секој ден на политичката сцена. Оние секојдневни навреди, некултура, само покажуваат дека оние што треба да ја водат државата и да мислат најдобро за неа, не го прават тоа – додава Ацевски.
Според него, највисоките државни раководители треба да покажат обединувачки капацитети, особено на големите национални празници и со лични позитивни примери да ја поведат државата напред и да ги мотивираат младите да останат и да работат за доброто на својата земја.