Битката „куде тумбу и четири бандере“

Робусниот кумановец Максим Димитриевски и неговото партиско движење под име ЗНАМ (За наша Македонија) ќе бидат орбитата под чија мистерија ќе се одвиваат наредните процеси во Социјалдемократскиот сојуз и на наредните собраниски избори за народни пратеници. Мистериозноста не ја предизвикува толку новиот политички фактор, туку Куманово, град на актуелната политичка тројка – Димитар Ковачевски, Оливер Спасовски и Максим. Таче, Оли и Максо ќе ја водат битката „куде тумбу и четири бандере“, а рефлексиите од таму ќе се шират низ цела Македонија.
Нема стар кумановец што не го знае локалитетот „куде тумбу и четири бандере“ во центарот на градот, симбол на едно време изминато. Немало голема тумба, но „четири бандере“ (некои велат имало три) биле во средиштето на старата кумановска чаршија, на самиот влез во познатото „опаначарско сокаче“ каде што од двете страни биле подредени опинчарите и јажарите, прошарани со понекој тенеќеџиски дуќан. Од лево и од десно биле ситните дуќанчиња, а во средината познатата тумба. Тумбата била, срце и крвоток и пазар на градот. Сега, во денешни дни, тумбата ја нема, бандерите се нови, а и големиот пазар е на другата страна од градот.
Максим како градоначалник е една од бандерите (столбовите) на кои се крепи Куманово. Кумановци, во мнозинство, „га поштуев“. Убеден социјалдемократ, набеден да ја напушти партијата откако таа го напушти него. Примерот со грубото елиминирање на Максо ја потврди старата вистина дека во СДСМ можат да возат долго само оние што кимаат со глава, не и оние што мислат со своја. Од прв заштитник на Зоран Заев во крвавите настани во Собранието до последен отпадник на Спасовски и Ковачевски, негови роднокрајци и сопартијци. Воден од идеали и од инает доби втор градоначалнички мандат наспроти сите сопки што му ги поттураа поранешните партиски другари и другарки, особено тие од Куманово.

Според она што го зборува јавно може да се нареди во редот на чист македонист, во политичка смисла, наспроти премиерот и министерот за внатрешни работи, кои се декларираат за Европејци. Таа политичка определба, во сегашниве услови, не е природна, не е национална, туку потреба на моментот врзана за запишувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија. Димитриевски е против, Ковачевски и Спасовски се за. Според официјалниот став на СДСМ, ако си за Бугарите си Европеец, ако не си за Бугарите ти си за изолација, за чекање во ЕУ наредните 20 години, работиш на штета на државата.
Сегашниот градоначалник, а иден водач на движење и партија го задржал револуционерниот дух на градот, а и личниот профил го негува и гради врз борбените традиции. Тоа, во добар дел, не е одлика и на оние од неговата поранешна партија, кои живееле и се воспитувале во југословенскиот комунизам – социјализам, ги почувствувале благодатите на титоизмот преку дедовците или татковците. Куманово е некогашниот бастион на СКЈ – СКМ, него почна да го урива Петар Гошев при првите повеќепартиски избори и тој процес на идеолошки пад продолжува до денес.
Во Прилеп и Куманово пукнаа првите востанички пушки во 1941 г. Додека актуелнава власт на Ковачевски се плаши да го спомнува тој историски датум, како контратежа Димитриевски ќе го велича и на големо ќе игра на историската национална карта. Можеби е само парола, но како една од основните цели е наведена Македонија да се врати на темелите на државноста што постојано се газат и негираат. Идеолошките темели на движењето се илинденските и асномските принципи и референдумските одлуки на граѓаните на Република Македонија за нејзино осамостојување како независна и суверена држава.
Од овие принципи СДС бега, ЗНАМ на нив ќе инсистира, на изразит патриотизам, што можеби ќе допира и до работ на национализмот, доколку е потребно. По тие историски и државни прашања Максо говори отворено, чисто и погодува во средина, оние од СДС нејасно, замаглено и често промашено. Ако дојде на власт, сигурно нема да го врати името, но и како опозиција ќе внесе во политичкиот живот национална динамика што СДСМ ја нема, а ВМРО секојдневно ја троши.

СДСМ и ЗНАМ ќе бидат две лица на истата партија, едно старо, друго ново. Со различен пристап кон актуелните горливи прашања, со различна идеологија. Можеби клучно и решавачко може да биде прашањето за статусот на македонскиот народ во сопствената држава, каде ЗНАМ е тврд во заштитата, СДСМ е лабав, недоследен и со нејасни сомнителни намери. Или отворено лажлив како во времето на Заев.
Ако се прогнозира, може да се очекува борбата „куде тумбу“ да биде тешка и неизвесна, таа да ја има главната карактеристика во цела изборна Македонија. Во секој случај, почетната предност ќе биде во корист на ЗНАМ, на штета на СДС. ЗНАМ не знае што може да добие, СДС знае што може да изгуби. Може губитници да бидат и двете партии. Начнато може да биде и ВМРО–ДПМНЕ, најверојатно ќе му се одземе дел од слаткиот пропаганден национален колач. Под услов да не се подели до избори со вклучување на Груевски или некој друг субверзивен вмровски елемент. Нема таков апарат, не е измислена таква технологија, што може ДУИ да го подели или да го раздели.
Она што СДСМ си го бараше со Максим Димитриевски си го најде. Од еден верен, лојален, искрен припадник, не само член, создаде нов противник, сега надвор од своите редови. Не му е ни првпат ниту последен. Од своите редови доби идеолошки, партиски и гласачки конкурент. Имајќи ја предвид практиката на партиски пребези и слушајќи разни нагаѓања не е далечна претпоставката дека дел од членството на големата партија ќе се преобрати во помалата. Можеби нереални се очекувањата новиот Давид да го победи изморениот Голијат, но гледаме дека живееме во време на чуда.
Знам колку не знам колку сега тежи на политичката сцена новото движење. Максим знае едно, Таче и СДСМ сто и едно. Но и врапчињата знаат дека меѓу нив ќе се води битката не само „куде тумбу и четири бандере“ туку далеку пошироко и понеизвесно. Со внимание и интерес ќе се чека на пресметката меѓу градскиот шериф и републичките маршали, како во филмовите од Дивиот Запад.

[email protected]