Европската политичка заедница е во длабока кома, нејзината цел е нејасна и денешниот самит во Гранада укажува на нејзините неуспеси во повеќе аспекти, оценува порталот „Политико“.
Иако беше најавено дека ситуацијата на северот на Косово ќе биде една од главните теми на третиот самит на Европската политичка унија, „Политико“ пишува дека претставниците на ЕУ и на Косово рекле дека тоа не е вистинскиот форум за дијалог, бидејќи разговорот треба да го предводат претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, но тој нема да дојде во Гранада.
Наместо Курти, на самитот ќе учествува косовската претседателка Вјоса Османи, чија функција е главно свечена.
Лидерите на ЕУ, исто така, се надеваа дека ќе ги обноват мировните разговори меѓу Азербејџан и Ерменија во Гранада. Таа иницијатива, сепак, пропадна бидејќи претседателот на Азербејџан Илхам Алиев во последен момент го откажа самитот, на кој се очекуваше да разговара за Нагорно Карабах со ерменскиот претседател и европските лидери.
Европската политичка заедница се „распаѓа“, изјави неименуван висок функционер на ЕУ.
„Политико“ пишува дека дел од проблемот е што целта на европската политичка заедница никогаш не била јасно дефинирана – дали е наменета само како „соба за разговор“, станица на „половина“ за идните членки на ЕУ или како регионален форум за Европските лидери да донесат одлуки и да ја смират тензијата.
„Ако нешто од ова беше целта на европската политичка заедница, во ниту една не успеа“, оценува „Политико“.
Јасно е дека таа не успеала да го деескалира конфликтот, додава порталот, наведувајќи дека една од ретките иницијативи покренати на самитот на ЕПЗ е распоредувањето на мисијата на ЕУ на границата на Ерменија со Азербејџан.
Но, тој конфликт се прелеа кога Баку започна воена офанзива за преземање контрола врз Нагорно-Карабах, што резултираше со масовен егзодус на етничките Ерменци од отцепениот регион.
Дури и како „соба за разговор“ не успеа, со оглед на тоа што претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, вторпат отсуствува од самитот, како што се наведува, поради настинка. Данската премиерка Мете Фредериксен исто така нема да биде во Гранада бидејќи треба да одржи говор во својот парламент.
Застапниците на европската политичка заедница тврдат дека има голема потреба од поголема координација во областа на безбедноста во Европа.
„Но, прашањето е дали повеќе формати, институции и церемонијални самити навистина водат до поголема координација. Или, како што изјави претседателот на Европската народна партија, Манфред Вебер, за Плејбук (Playbook): „Мораме да ги изградиме нашите структури што ги имаме, кои се структурите на Европската Унија.’“, пишува „Политико“.