Ајде да видиме
Бубамарата отсекогаш се поврзувала со приказните за разни божества. На пример, Старите Словени верувале дека овој инсект живее на небото и оти е невеста на Сонцето. Имало и приказни дека дури е негова жена, која поради непослушноста е претворена во бубачка.
Со доаѓањето на христијанството, најверојатно името бубамара е преземено од германското говорно подрачје. Таму таа се нарекувала „бубачката на нашата мила Богородица“, „Маријанина бубачка“ и слично. Значи нашето „мара“ сигурно е изведено од дева Марија, односно од Богородица.
Многуте легенди зошто овој инсект го добил ова име се во врска со тоа што во средниот век најголемите приноси на нивите ги загрозувале штетните инсекти. Е, тука бубамарите биле од голема корист зашто се хранат со овие штетници, па веројатно во тоа време на луѓето им изгледале како божја помош од небото, која пристигнувала по молитвите упатени до Богородица.