Град Скопје во соработка со Јавното претпријатие Улици и патишта од почетокот на годината отпочна со проект за санација на 36 мостови, надвозници и пешачки натпатници кои се во надлежност на Град Скопје.
Дел од мостовите и натпатниците како повеќедецениски предизвик и покрај потребата не биле санирани, а неопходни се реконструкции на коловози, тротоари и огради, со што значително ќе се придонесе за зголемување на безбедноста. Со системско следење на надлежностите ќе се постигнат позитивни резултати, затоа што за овие инфраструктурни објекти неопходен е континуиран мониторинг со цел навремено санирање и редовно одржување.
Градот Скопје ги заврши градежните активности за санација на оштетените патеки на мостот „Обединети нации” со што е реализирано барањето на пешаците и велосипедистите кои секојдневно го користат овој мост, со што се овозможува зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Во текот на градежните работи заменети се оштетените подни бетонски плочи со нови, реконструирани се патеките и санирана е заштитната ограда на мостот. Градежните работи на патеките, со должина од 90 метри и широчина од 2 метри, на терен ги изведоа екипите на ЈП Улици и патишта.