Посакувам сите што ќе учествуваме да уживаме максимално во Скопскиот маратон в недела и секој најдобро да си ја истрча својата трка, вели Јачевска. „Секоја година е ново искуство, а во тоа е и убавината на овие трки. Секогаш полезното дејство превагнува во однос на тежината што ја искусуваме“, вели Цветаноски
Традиционално, редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ и годинава ќе има свои претставници на атлетскиот Скопски маратон в недела, поконкретно станува збор за новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски, кои ќе трчаат на полумаратонот (21 км).
– Осми пат ќе трчам полумаратон на Скопскиот маратон. Цело лето сум на кејот, на патеката, редовна и дисциплинирана во тренинзите. Пред сѐ трчањето ми е терапија или ми стана медитација во движење. Како и секоја година си поставувам целно време, за предизвикот да биде посилен, да има дополнителна сила што ќе ме движи низ скопските улици. Посакувам сите што ќе учествуваме да уживаме максимално во Скопскиот маратон в недела и секој најдобро да си ја истрча својата трка – вели Јачевска.
Со оптимистички дух пред трката е и Цветаноски.
– За годинава имав во план да трчам на маратонската трка, меѓутоа имав некои повреди и поради тоа не можев посериозно да се подготвам за трката на 42 км, па повторно ќе учествувам на полумаратон, 14-ти пат, за кој генерално сум приближно подготвен како минатата година, кога имав време од 1:34 час. Но, како и да е, секоја година е ново искуство, се соочуваме со нови предизвици, а во тоа е и убавината на овие трки. Секогаш полезното дејство превагнува во однос на тежината што ја искусуваме – вели Цветаноски. Г.И.