Алтернативите што ги бараат македонските граѓани од политичарите не значат скршнување од стратегиските цели на државата и нејзиниот пат кон ЕУ, туку начини како тој пат да биде подостоинствен и трасиран врз таква основа што, кога по некои 10-15 години Македонија ќе стане полноправна членка на Унијата, никој нема да сака да се иселува, туку и оние што си отишле ќе посакаат да се вратат

Се повторува истата песна за ЕУ од времето пред референдумот за Преспанската спогодба

Како што се стеснува временската рамка до кога македонските власти се обврзаа дека ќе ги спроведат уставните измени, така повторно се враќа истата реторика како пред измените на Уставот за Преспанската спогодба.
Ако тогаш наративот беше дека со почетокот на преговорите македонските граѓани ќе добијат бесплатно здравство, бесплатно образование и други бенефиции само доколку се смени името на државата, сега граѓаните се заплашуваат дека доколку не се направат уставните измени и не се одблокира евроинтегративниот процес, алтернативата е иселување од Македонија.
– Бев прашан дали имаме подобра алтернатива од ЕУ. Секако дека имаме, но секоја алтернатива што мислиме дека е подобра подразбира отселување од државата. Затоа се бориме да не мора ниту еден човек да се отсели и да побара пасош на друга држава – изјави неодамна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, говорејќи на трибината „Ние сме Европа“ во Штип.

Кој ја потценува интелигенцијата на македонските граѓани

Очигледно оние што се обидуваат повторно да ја продадат оваа „европска“ приказна го потценуваат македонскиот граѓанин, сметајќи дека тој ќе поверува во тоа што му го кажуваат, особено ако се има предвид фактот дека пред пет години му ја продаваа истата песна, која стана евергрин.
Македонија не ги започна преговорите, а граѓаните не само што не добија бесплатно здравство и образование туку се соочија со уште полоши состојби во државата во сите сфери.
Впрочем, тезата дека со влезот во ЕУ ќе се спречи иселувањето е сосем неточна, имајќи ги предвид искуствата на другите земји-членки. Имено, по зачленувањето на Хрватска во Унијата е забележан масовен егзодус на Хрватите кон Германија, Велика Британија и Ирска. Хрватска повеќе нема работници, така што очајнички бара работна сила од земјите од регионот. Понатаму, кога Бугарија и Романија влегоа во ЕУ во 2007 година, Бугарите и Романците не останаа во своите земји, туку заминаа најмногу за Германија, но и во Велика Британија. Како една од темите со кои се мотивираа Британците да гласаат за излез од ЕУ, меѓу другото, беа токму мигрантските бранови од новите источни членки на Унијата.
Погледнато низ призмата на овие и многу други примери, пораката на вицепремиерот за евроинтеграции дека „ако нема ЕУ, сите ќе се иселат“ е груба манипулација на граѓаните, бидејќи луѓето се иселуваат и од земјите-членки на Унијата, најмногу затоа што не се задоволни од квалитетот на нивниот живот таму. Бугарија, иако е членка на ЕУ, повторно има проблем со владеењето на правото, со демократските вредности, со човековите права, со корупцијата и криминалот, економијата и натаму е неразвиена, така што разбирливо е Бугарите да бараат излез во иселувањето.
Токму затоа алтернативите што ги бараат македонските граѓани од политичарите не значат скршнување од стратегиските цели на државата и нејзиниот пат кон ЕУ, туку начини како тој пат да биде подостоинствен и трасиран врз таква основа што, кога по некои 10-15 години Македонија ќе стане полноправна членка на Унијата, никој нема да сака да се иселува, туку и оние што си отишле ќе посакаат да се вратат.

Алтернативата на ЕУ секогаш е Македонија

Таа алтернатива што вицепремиерот сега ја окарактеризира како „иселеничка“, всушност треба да биде реформаторска, која од корен ќе го реформира македонското општество, а за тој процес има доволно време, кое државата може ефикасно да го искористи наместо безидејно да дреме во европската чекалница и да чека да се смилува Софија.
Во прилог на земјава ѝ одат и неодамнешните реформски раздвижувања на европската сцена. Најпрво француско-германската работна група излезе со свои препораки како да се реформира Унијата во следниот период, а сега и Австрија излегува со нов нон-пејпер, со кој предлага некаква делумна интеграција на земјите од Западен Балкан кон пазарите и фондовите на ЕУ.
Со други зборови, наместо земјава да е заложник на постојани уцени од страна и брзоплето да носи одлуки што подоцна може скапо да ја чинат, може целосно да се посвети на реформите дома. Прво, мора да се врати владеењето на правото, институциите да станат функционални, да се ремоделира образовниот систем на начин што ќе произведува образовани кадри, а не полуписмени индивидуи. Понатаму, потребно е да се воспостави и функционален здравствен систем што целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните, потоа похумана социјална политика, достоинствени и пристојни пензии, како и развиена инфраструктура и економија. Ништо од ова нема да има ефект ако реформите не одат рамо до рамо со решителна и неселективна борба со корупцијата и криминалот, со одговорност за функционерите и казни за сторителите.
Тоа е вистинската алтернатива што ќе ја одведе Македонија во ЕУ и истовремено ќе ги задржи граѓаните тука, сè друго е само продавање евтина демагогија, на која повеќе не наседнуваат ни малите деца.

Лошата живеачка е причина за иселување, а не дали ќе има или не уставни измени

– Европската интеграција е далеку повеќе од промена на името или вметнување нови малцинства во Уставот. ЕУ има и геополитичка црта, но тоа не е главната причина за нашиот стремеж да станеме полноправна членка. Европската интеграција значи владеење на правото, значи правна држава, значи уредена и пристојна држава, односно сето она што е спротивно на начинот на кој Заев, Маричиќ и компанија дојдоа на власт и на кој се одржуваат на власт – вели поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека воопшто не треба да им се верува на политичарите, бидејќи доволно манипулираа со народот сиве овие години.
– Мантрата за менување на Уставот за влез во ЕУ е толку несериозна, што граѓаните воопшто не треба да паѓаат на тие зборови. Лагите веќе се прочитани и не поминуваат и свесни се за тоа. Од Македонија буквално сите се селат или имаат намера да се иселат ако работите не почнат да се менуваат, така што несериозните мантри од типот дека ако нема ЕУ, другата алтернатива е иселувањето, слободно може да се наречат и небулозни – истакнува Пекевски.
Ставот и на други аналитичари, професори, интелектуалци е дека граѓаните се селат поради неквалитетен живот во Македонија, а не поради тоа што не се направени уставни измени.
– Можеби граѓаните се селат затоа што имавме премногу уставни измени, затоа што правосудниот систем не постои, затоа што имаме деградирано Собрание, затоа што имаме влада што повеќе им угодува на меѓународната заедница и на соседните земји, затоа што нема образование и здравство, затоа што умираат пет години порано поради загадениот воздух, затоа што функционерите стануваат тендер-милионери и не одговараат за тоа, затоа што пензионерите не можат да протуркаат ни десет дена во месецот, затоа што и оние неколку компании што работеа добро, сега се на удар на дополнителни давачки, затоа што корупцијата се стимулира, а не се спречува. Има уште многу затоа поради кои се иселуваат не само младите туку сега и средовечните луѓе заедно со нивните семејства. Кога нема искрена волја да се среди оваа држава, не помага ни ЕУ, ни НАТО, ни никој. Затоа доста ни продаваат излитени фрази за безалтернативност освен ЕУ. Има алтернативи и тука што може да си ги направиме, ама нема волја за такво нешто. Оти ако се среди државата, нема да може да се краде, а тоа очигледно им пречи на функционерите – доста отворено коментираат соговорниците.