Тајван денес ја претстави својата прва подморница од домашно производство, што е голем чекор во повеќегодишниот проект чија цел е зајакнување на одбраната на островот и одвраќање на кинеската морнарица.
Тајван, кој Кина го смета за своја територија, ја направи програмата за автохтони подморници клучен дел од амбициозниот проект за модернизација на своите вооружени сили, додека Пекинг организира речиси секојдневни воени вежби за да го потврди својот суверенитет, пренесе „Хина“.
Претседателката Цаи Инг-вен, која го започна проектот кога ја презеде функцијата во 2016 година, ја покажа првата од осумте нови подморници во јужниот град Каосиунг.
– Во минатото, домашно развиена подморница се сметаше за невозможна задача. Но, денес, пред нашите очи, постои подморница дизајнирана и произведена од граѓаните на нашата земја – рече таа, додавајќи дека таа ќе игра важна улога во зајакнувањето на можностите на морнарицата за „асиметрично војување“.
– Дури и да има ризици и без разлика колку предизвици има, Тајван мора да го преземе овој чекор и да дозволи националната одбранбена политика да расте и да процвета – рече Цаи.
Програмата се базираше на експертиза и технологија од неколку земји, што претставува пробив за дипломатски изолираниот Тајван.
Тајван се надева дека ќе распореди најмалку две такви домашни подморници до 2027 година, а можеби и ќе ги опреми подоцнежните модели со проектили, рече програмскиот менаџер.