Фото: Пекселс

Ерменските сепаратисти во Нагорно-Карабах денеска објавија дека ќе го прекинат огнот и ќе го положат оружјето, сигнализирајќи го крајот на антитерористичката операција што ја започнаа азербејџанските сили во отцепениот регион.

Преку посредство на командата на рускиот мировен контингент стациониран во Нагорно-Карабах, постигнат е договор за целосен прекин на непријателствата од 13 часот (9 часот по Гринич) на 20 септември 2023 година, соопшти самопрогласеното претседателство на регионот во објава на социјалните мрежи.

Операцијата на Азербејџан во Нагорно-Карабах ќе заврши доколку ерменските сепаратисти го „остават оружјето“, рече претходно претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев во телефонскиот разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, се вели во соопштението на претседателството.

Алиев му рекол на Блинкен дека „антитерористичките мерки ќе бидат запрени доколку (силите на Карабах) го положат оружјето“, се вели во соопштението.

-Прашањата покренати од азербејџанската страна за реинтеграција, обезбедување на правата и безбедноста на Ерменците од Нагорно-Карабах… ќе бидат разгледани на состанокот меѓу претставниците на локалното ерменско население и централните власти на Република Азербејџан. Тие ќе се одржат во градот Јевлах утре, 21 септември – соопштија денеска сепаратистичките власти.

Поранешен висок функционер во администрацијата на етничките Ерменци во Нагорно-Карабах денеска изјави дека речиси 100 луѓе биле убиени, а стотици други биле повредени во отцепениот регион откако Азербејџан започна, како што рече, „голема војна“.

Азербејџан ги отфрли обвинувањата дека неговата цел е етничко чистење на Карабах и вели дека ќе ги заштити правата на ерменските цивили во областа според сопствениот устав.