Фото: Архива

Со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, Собранието попладнево ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик.

На гласањето му претходеше расправа во која опозициските пратеници изнесоа остри критики, обвинувајќи дека власта ги носи овие законски измени за да ги амнестира оние што го прекршиле законот. Како што истакнаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и во овој случај се злоупотребува европското знаменце. Но, според заменик-министерот за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ која им реплицираше, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ.

– За да нема забуни и дилеми зошто Законот е со европско занаменце, нагласувам дека предвидува 38 члена од кои 35 се со директивите на ЕУ. Вчера кога го давав Предлогот зошто треба да биде со европско знаменце и по скратена постапка, напоменав дека целта е усогласување со европското законодавство – истакна Аврамовска – Мадиќ.

Прв за збор се јави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, оценувајќи дека овој закон е олицетворение на хипокризијата на власта.

Стојановски забележа дека на Парламентот му е приоритет да зборува за Кривичниот законик, наместо за она што се случува на Онкологија.

– Замислете, тие што имаат можност да ги управуваат институциите, поднесуваат закон кој комплетно ќе го урниса системот во државата. Со овој закон се јасни две работи – несоборливата вистина дека ќе одите во опозиција и од правдата нема да избегате – обвини Стојановски.

Во обраќањето, тој предложи да се изградат нови споменици, за реформите, како што нагласи, во правосудството на СДСМ.

– Први ќе ги ставиме буквите СЈО, потоа до нив Катица Јанева, па Добрила Кацарска и Вилма Рускоска, кандидат за уставен судија Љубомир Јовески кој нема отворено ниту еден предмет, а изгореа луѓе во автобус, во модуларна болница, а на крај ќе го ставиме Абази. Мементо паркот ќе биде наречен „СДСМ и правосудството“ – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

За Гордана Силјановска Давкова е нејасно како може Кривичен законик да се смени за неколку часа.

– Денеска бев сведок на јавно убиство на правото и правдата во Комисијата за антиевропски прашања – истакна Силјановска Давкова.

Измените се однесуваат на казните на неколку кривични дела, односно за значително намалените казни за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ со намалување на казната од најмалку три години затвор на казна од една до четири години затвор, како и членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години.

Претходно Блупринт групата реагираше во однос на предлог законот за измени на Кривичниот законик по скратена постапка.

Оттаму велат дека измените во Кривичниот законик ќе влијаат и врз судските постапки иницирани од СЈО, како и дека постои опасност од настапување на апсолутна застареност.