Министерката за земјоделство Јелена Танасковиќ изјави дека во Србија е запрено ширењето на африканска свинска чума, јави дописникот на МИА од Белград.
Таа кажа дека здружени со сите сектори успеале во последните две недели да ја запрат паниката, нелегалниот транспорт и ширењето на чумата.
– Успеавме да го запреме ширењето на африканската чума. Евтаназирани се 38 илјади свињи, редовно им се плаќа на сопствениците чии свињи беа уништени. Важно е да се бранат големите фарми, создадовме одбранбени појаси и тоа даде резултати. Важно е што ние ова го запревме, дека нема ширење и дека нема паника кај земјоделците – изјави Танасковиќ за Радио-телевизија на Србија.
Од африканската чума умреле 3.800 свињи, евтаназирани се 38 илјади, а над 34 илјади се заклани, кажа Танасковиќ, додавајќи дека здравите животни се спасуваат со тоа што им се сугерира на сопствениците порано да ги заколат.
– Се надеваме дека ова бргу ќе помине, таа нема никогаш да исчезне, но важно е дека немаме масовно ширење – кажа Танасковиќ.