Испечатени се сите учебници кои досега се одобрени за користење од страна на Националната комисија за учебници и интензивирана е испораката до училиштата. Согласно акцискиот план, целосно завршена е испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата – информира Министерството за образование и наука.
МОН соопшти дека на 1 септември целосно ќе заврши испораката на сите учебници кои се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре.
-Оние, пак, кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб-страницата на Бирото за развој на образованието – наведува МОН.
Министерството додава и дека задолжените оператори за испорака на учебниците се максимално ефикасни и во координација со училишните служби, работеле и за време на викендите, а ќе работат и во претстојниот викенд.
-Упатуваме апел до јавноста да ги следи информациите кои ги објавува МОН, наместо информациите што ги пласираат други страни, меѓу кои често и докажани центри за ширење шпекулации – порача Министерството за образование и наука.