Промоција на преведеното издание на „Збунети компаси“, поетската книга на Зоран
Анчевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година се одржа денеска во предворјето на црквата „Света Богородица“ во Калишта.
Со оваа промоција „Струшките вечери на поезијата“ ја продолжуваат традицијата на
претставување на преведеното издание на минтатогодишниот добитник на наградата.
– Зоран Анчевски е добро познато име на сите оние кои барем еднаш чуле за СВП, име
нераскинливо поврзано со овој фестивал, но и со македонската книжевна и културна
сцена, како и со нејзиното претставување надвор од македонските граници – истакна
промоторката Александра Јуруковска.
Анчевски наградата „Браќа Миладиновци“ ја има добиено два пати, во 2018 година за
„Небесна пантомима“, како и минатата година за збирката „Збунети компаси “.
– „Збунети компаси“ е збирка со 58 песни организирани во 5 циклуси: Ars poetica,
Природни случки, Распит пред незнајното, Збунети компаси и Кажување вистини и лаги.
И песните и циклусите имаат многу занимливи меѓусебни врски, но и деликатни, дискретни врски со општото поетско творештво на Анчевски од една страна, и со општото македонско актуелно поетско творештво од друга страна – истакна Јуруковска цитирајќи ја беседата на Оливера Ќорвезировска „Густите ззззабели на песната“.
Поетско читање во Калишта имаа и поетите од потесниот избор за наградата „Браќа
Миладиновци“. Покрај годинешниот добитник, Димитар Башевски, беа прочитани и
стихои од Јосип Коцев, Дејан Трајкоски, Катица Ќулавкова и Гордана Михаилова-
Бошнаковска.
Поетската посета на Калишта заврши со интернационално читање, на кое настапија
повеќе странски, но и домашни поетски имиња.
Во текот на вториот фестивалски ден предвидена е изложба „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, претставување на поетите од платформата „Версополис“, како и
промоции на антологијата „Меѓу дрвјата (флората и фауната)“ и Антологијата на
најмладата македонска поезија. Ќе бидат презентирани и портретите на добитниците на
наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“. Вториот фестивалски ден ќе
заврши со „Ноќ без интерпункција“, настан на кој ќе се претстават повеќе поетски имиња.
Манифестацијата, која ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.